Ќе успее ли СДСМ да ја реформира и консолидира партијата како и да си го поврати својот рејтинг откако на вчерашниот Конгрес беше избран нов Централен одбор а за заменик претседател беше поставена Фани Каранфиловска Пановска. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е разочаран од кадровските решенијата и смета дека нема да бидат конструктивна опозиција, а тестот ќе бидат локалните избори.
„Не сум импресиониран од ова раководство, напротив сум разочаран затоа што ценам дека овие луѓе не можат да бидат конструктивна опозиција и додадена вредност на политичката сцена кај нас и дека ќе продолжат со оние конструкции, измислици, ниски страсти, навреди дневни политички и тоа е што е. Е сега, многу скоро од денеска ќе има тест за новото раководството на СДСМ тоа се локалните избори отприлика за 10 месеци од денеска ќе имаме веќе кампања за локалните избори и ќе видиме дали ова ново раководство ќе понуди нешто ново.“, рече Мицкоски.
Првиот вицепремиер Изет Меџити кој е од редовите на ВЛЕН им посака успех на ново раководството и притоа порача да се вратат на нивниот граѓански концепт а не кон националистички ставови.
„Им посакувам успех со реформите започнати, посакувам да се придржуваат на тоа што е својствено на нивните политики бидејќи од граѓански концепт последно време забегаа во националистички и тврди ставови што мислам дека не им оди во прилог, така што им посакувам да се вратат на своите определби и да придонесуваат во општеството“, изјави Меџити.
Експертската јавност во новото раководство и не гледа дека ќе претставува некаква реформа во СДСМ. Политикологот Иво Ранѓеловиќ во Дејли клик на ТВ21 вели дека за да се освежи партијата, потребни се нови ликови, а не повторно оние кои ја донесоа партијата до овој степен.
„Не сум сигурен дека барем еве наредниве локални избори Социјалдемократскиот сојуз ќе издвои некаков подобар успех од тоа што се случи на претходните парламентарни, но сметам дека со ваква пратеничка група, со ваква констелација на партиските раководства едноставно не можете да се ребрендирате и не можете да се наметнете кај македонската јавност Меѓутоа не покажува никаква сериозна искра СДСМ да донесе нешто ново, да го освежи тимот, да донесе луѓе без товар, може да бидат и млади и постари, не мора да бидат членови на партија“, изјави Ранѓеловиќ.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја опиша новата програма на партијата како патоказ за праведно развиено и демократско општество, ароганцијата ќе биде заборавена, рече тој, а секој кој што ќе биде дел од партијата треба да има служи на членовите и граѓаните.
