Дали ќе има техничка реконструкција на Владата по заминувањето на вицепремиерот Изет Меџити за градоначалник или можно е да има поширок министерски зафат, засега точно не се прецизира. Премиерот Христијан Мицкоски кој оваа реконструкција ја најави уште пред кампањата на локалните избори, рече дека сè уште е рано за такво нешто. За шпекулациите дека ВРЕДИ ќе добие уште едно министерство по одлуката Беким Сали да го преземе само вицепремиерското место а друг ќе го заземе министерското, според Мицкоски не значи дека ќе добие министерство повеќе.
-Тоа не значи дека ќе има ресор повеќе. Тоа е одлука на нашиот коалиционен партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали апсолутно тука не треба да имаме никаква дилема, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет. Реконструкција на Влада не се прави само за да се реконструира Владата и да кажеме еве ја реконструиравме Владата. Пред било кој потег да се повлече треба добро да се размисли дали тоа ново кадровско решение кое што би дошло ќе биде подобро од претходното, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во јавноста веќе се вртат шпекулации дека со реконструкцијата ќе биде опфатена и министерката за образование Весна Јаневска како и министерот за правда Игор Филков, кој е од редовите на ЗНАМ.
-Ве молам немојте да верувате на шпекулации, прво е некоректно да зборуваме за шпекулации се уште не сум воопшто седнал да размислувам на таа тема. Очекувам за испразнетите места да добијам во најскоро време имиња да видиме дали тие имиња апсолутно се во рамките на тие што очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и во институциите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Засега се уште конкретно нема точни информации кога ќе се случи реконструкцијата, но како што посочи Мицкоски, тоа ќе биде по конгресот на партијата што треба да се одржи на 6 декември во Кавадарци, на кој исто така ќе бидат направени партиски промени.
