Ќе има зголемување на пензиите, на првата средба е договорено да има промена на методологијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претставниците на пензионерите со неколку предлози меѓу кои усогласувањето на пензиите кое се прави на секој 6 месеци, покрај со трошоците на живот да се усогласува и со просечната и минималната плата. Од Владата велат дека ќе ги анализираат предлозите, но велат дека е добро што се размислува за методите за поголемо покачување на помалите пензии.


„Рековме дека остануваме со заложбата дека пензионерите треба да добиваат поголеми пензии дека треба да бидеме солидарни кон сите пензионери дека тие кои што имаат најниски пензии заслужуваат да добиваат повисоки пензии, секако дека и тие кои што имаат високи пензии заслужуваат да го добијат тоа што навистина придонеле и им припаѓа. Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување состојбата е стабилна, има зголемени приходи од претходната година, тенденциите и трендот е на зголемени приходи“, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.


„Дискусијата за растот на пензии ќе продолжи во периодот кој што следува со цел да дојдеме до најдоброто решение кое ќе донесе раст на пензиите на долг рок. Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост пристоен и мирен живот во своите зрели години“, вели Јована Тренчевска од МТСП.


Од Сојузот на организациите на пензионерите и од Партијата на пензионерите велат дека со владините партнери започнале со носење на траен модел за усогласување на пензиите.


„Треба да се изнајде законско решение кое што ќе обезбеди сигурност на корисниците на пензија а истовремено ќе значи и одржливо решение. Ние сме се определиле по остварување на правото на пензија да се врши усогласување на пензиите што се разбира дека зависи и од општествено-економското милје на една држава,“ вели Станка Трајкова од Сојузот на организации на пензионери.

„Излегувам од оваа средба задоволен и длабоко убеден дека пензионерите ќе добијат највисоко историско зголемување на пензиите во периодот кој следи. Следната средба се договоривме да биде некаде на почетокот на март месец и мислам дека тогаш ќе имаме конечно решение“, рече Илија Николовски од партијата на пензионерите.


Предлогот на претставниците на пензионерите е да има процентуално зголемување на пензиите со трошоците на живот како и со просечната плата. Се бара да остане и можноста од зголемување на пензиите ако изминатата година имало зголемување на просечната плата од 5 посто или ако има раст на минималната плата од 15 проценти. Со ова ќе бидат опфатени околу 330 илјади пензионери.