Разрешувањето од функцијата – амбасадор на Косово во Северна Македонија, Ѓерѓ Дедај го смета за политичко, неуставно и нарачано! Тој пред неколку дена изјави дека „нема лесно да ги напушти ниту канцелариите, ниту мандатот“, но денеска во одговор за ТВ21, не тврди такво нешто. Вели дека одлуката ќе ја соопшти откако ќе се консултира со пријатели.
„Во однос на канцелариите, тоа е ирелевантно прашање. Откако ќе се консултирам со моите пријатели, ќе ја информирам јавноста за нарачателот и вистинската причина за моето скандалозно разрешување. За сите други одлуки ќе бидете известени навреме! Јас продолжувам со својата работа и со агендата како исклучителен и правосилен амбасадор на Република Косово во Р.Северна Македонија, познат како институционалист, почитувач на Уставот и законите на Косово, учесник во сите случувања и жртвувања за слободата на Косово пред војната, за време на војната и по неа!“, истакна Ѓерѓ Дедај.
ТВ21 побара став од Претседателството на Косово и министерката за надворешни работи, Доника Грвала, но не добивме одговор – што би преземале доколку амбасадорот Дедај не прифати да ја напушти амбасадата во Скопје? Пред неколку дена, говорејќи за повлекување на амбасадорите, таа рече дека истите биле именувани политички.
„Разрешувањето од задача и повлекувањето на амбасадорите политички именувани е направено во духот на усвоената владина програма, која предвидува реформирање на дипломатската служба на Р.Косово и почитување на законот за Министерството за надворешни работи и Законот за надворешна служба на Косово“, посочи Доника Грвала.
Косовскиот амбасадор во С.Македонија, Ѓерѓ Дедај е еден од 12 разрешени амбасадори. Повлечени од функција се и амбасадорите во Германија, Албанија, Чешка, Холандија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австрија, Црна Гора, Обединети Арапски Емирати и Катар. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по барање на Министерството за надворешни работи и дијаспора, потпиша указ за нивно разрешување.
