Ќе се брише бугарски, останува само фашисти – Заев вели го исполнува договорот, Бугарија не мисли така

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се брише етничкиот предзнак бугарски пред спомениците од Втората светска војна и ќе стои само фашистички окупатор, а истото ќе се спроведе и во учебниците. Ова го изјави премиерот Зоран Заев објаснувајќи што конкретно ќе се спроведе од барањето на Бугарија. Едно од нив е и името на државата за кое спори Бугарија.

„Ќе треба да има дипломатска нота во која што ќе се опишува дека краткото име е исто со долгото име, односно Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија и нема територијални претензии. Дека не се мешаме во внатрешните работи, вклучително и за малцинските права заради тоа што тие се граѓани на Република Бугарија. Не смее фашизмот да има етничка димензија така што во одредени наши споменици веќе тоа е направено каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе фашистички окупатор затоа што не можете нација да обвините за тоа“, истакна Зоран Заев.

Вчера еврокомесарот Оливер Вархеи имаше средба со бугарскиот претседател Румен Радев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев но нема детали што е конкретно разговарано. По оваа средба не е одржана прес конференција. Еврокомесарот Оливер Вархеји на неговиот твитер профил, не открива многу.

„Добри разговори денеска во Софија со претседателот на Бугарија Радев за европското проширување. Западен Балкан е важен приоритет на Европската комисија и заедничка стратегија е потребата да се продолжи напред, особено во време на големи предизвици. Работиме заедно“, посочи Оливер Вархеји.

Иако на официјална страна на бугарскиот претседател Радев нема официјално соопштение по средбата, во медиумите се пренесува дека шефот на бугарската држава во разговорите со Вархеи побарал исполнување на критериумите за добрососедство.

„Договорот за пријателство со Република Северна Македонија не се спроведува и нашиот југозападен сосед се уште не ги решила проблемите со јазикот на омразата и претставување лажна слика за Бугарија во учебниците, музеите и спомениците, како и кон граѓаните на земјата кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест“, посочи Румен Радев.

Во истовреме расте и притисокот на Соединетите Американски Држави кон Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија, пишува магазинот Еуроактив.  Во написот се пренесува и изјавата на американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар дека што побрзо треба да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје и да се деблокира интеграцијата на Македонија во Европската унија.

„Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што не засега сите нас. Дадени се некои добри решенија за решавање на прашањето и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да се најде компромис“, посочи Габриел Ескобар.

Сето ова му претходи на седницата на Советот за општи работи на Европската унија која треба да се одржи кон крајот на декември годинава, во која Македонија очекува да добие старт на преговорите.