Ќе се интонира или не државната химна во училиштата?! Јаневска: Законот ќе биде вратен и без таа одредба ако не најдеме заеднички јазик со ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за средно образование пак ќе се врати во Собранието, со или без одредбата за интонирање на државната химна.

Министерката за образование Весна Јаневска вели целта не беше подгревање меѓуетнички тензии – нема да дозволам политика во образованието. Владата го повлече предлог-законот за средно образование, откако ДУИ и ВЛЕН реагираа за химната. Бараа да се избрише членот со кој се предвидува интонирање на државната химна на почетокот и крајот на учебната година, како и за одбележување на патронатите и други прослави на училиштата.

-За жал партијата ДУИ го искористи тоа на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етнички проблематики во закон за образование. Нема да дозволам такво нешто да се случува. Затоа законот е повлечен. Ќе продискутираме уште малку на таа тема, но доколку не најдеме заеднички јазик, битно е да поминат суштинските реформи во средното образование и законот ќе биде вратен и без таа одредба ако тоа биде неопходно, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Јаневска, по средбата со средношколските и студентските организации соопшти дека денеска ќе бидат исплатени 120 милиони денари на ЈСП за бесплатен превоз на студентите. Најави нов модел на државна матура. Средните стручни училишта ќе полагаат по еден модел, а гимназиите по друг. Се договара да се прошири и опфатот на студенти кои ќе добиваат студентски оброк.

-Зборувавме за државната матура, подобрување и зајакнување на легитимноста што ја држи во нашата држава и генерално во другите земји. Зборувавме за дигитализација во нашите училишта. Тука зборуваме повеќе за учебници, изјави Берин Мухамед, сојуз на средношколци.

-Зборувавме за зголемување на опсегот на бесплатниот јавен сообраќаен превоз за сите студенти, покрај државните и приватните универзитети и во другите универзитетски градови. Зборувавме како ќе се пренаменуваат средствата за студентски оброк во делот на зголемување на опсегот на студенти кои што ќе го користат. А оваа година за прв пат можам да кажам дека се работи на закон за студентска работа, вели Александар Николовски, УСС на УКИМ.

Јаневска уверува дека годинава ќе нема проблем со учебниците, како што беше изминатите години. А се договара за средношколците и студентите учебниците да бидат достапни и по електронски пат.