Претседателот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус во изјава за магазинот Клик плус на ТВ21 вели дека за решавање на прашањето со Бугарија треба да се прифати дека идентитетски и историски прашања не можат да бидат клучни во пристапните преговори, но вели, тие и натаму ќе останат како прашања кои треба да се решат.
„Па мислам дека е поважно ова прашање да биде јасно и решено пред да започнете со пристапни преговори дали во ноември или декември, отколку да почнете пристапни преговори имајќи го ова прашање повторно кое ќе се врати следната година. Поважно е да се разјаснат, јасно да се наведе историските прашања идентитетските прашања не можат да бидат дел од пристапните преговори“, посочи Гералд Кнаус.
Во напорите на Германија како земја претседавач со Европската унија да посредува во решавањето на проблематизирањето од бугарска страна е и денешниот разговор на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел. Според портпаролот Душко Арсовски, не се очекува отстапување од барањата на Бугарија во однос на македонскиот јазик и идентитет, но разговорите вели, ќе продолжат.
„Во однос на македонскиот јазик, тоа е веќе јасно дека македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од Обединетите нации и Владата смета дека за ова не треба да има дилеми“, посочи Душко Арсовски.
Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното видео обраќање повика дека не смее да има преговарања за идентитетските прашања, а воедно повторно рече дека Македонија не смее да потпише анекс на договорот.
„Ќе побарам обединување околу ова прашање бидејќи со идентитетските прашања, со нашата историја, со историските факти, со нашите корени, како народ, како држава која што го бараше своето место под сонцето овде во срцето на Балканот во Европа, за корените на македонскиот јазик нема преговарање“, додава Христијан Мицкоски.
Во вчерашната изјава на бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева јасно се наведува дека Бугарија не е подготвена да и даде зелено светло на Македонија за почеток на преговорите.
