Ќе се обезбеди ли мнозинство? Законот за локална самоуправа ја помина првата фаза во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Измените на Законот за локалната самоуправа предложени од мнозинството во парламентот ја помина првата фаза откако пратениците ја изгласаа потребата од донесување на измените. Тие ќе одат по скратена постапка а со нив се предвидува да нема вонредни избори во општините Сарај, Аеродром и Гостивар, чии градоначалници по парламентарните избори преминаа во извршната и законодавната власт и со тоа да биде продолжен мандатот на вд градоначалниците. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги образложи измените и рече дека овие измени ќе важат до следните локални избори идната година.

-Морам да потенцирам дека станува збор за преодно решение кое ќе важи само за претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври 2025 година. Имајќи во предвид дека до распишувањето на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото за економичност и економската состојба во државата како и краткиот рок за организација на овие избори а потоа доаѓаат и редовните локални избори, предложените законски решенија се со цел да ја постигнат целта заради која што е предложен законот, изјави Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ.

Но со оглед на тоа дека овој закон е системски за него е потребно двотретинско мнозинство, како и Бадентер, што значи дека за него се потребни и гласови на дел од пратениците од опозицијата. Иако на денешното гласање за потребата од донесување за овој закон воопшто не гласаа пратениците од Европскиот фронт, сепак неофицијално се тврди дека дел од пратениците на оваа коалиција ќе ја дадат поддршката. Од СДСМ останаа на ставот дека се против ова решение.

-Сметаме дека на овој начин се нарушуваат демократските принципи на функционирањето и на поделбата на власт во државата. Сметаме дека носење на вакво законско решение во кое што без одлука на граѓаните ќе можеме да вршиме промена на градоначалници во одредени општини на тој начин се одзема правото на граѓаните и се манипулира со волјата на избирачите, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

По парламентарните избори дел од општините останаа без градоначалници бидејќи некои станаа пратеници а некои министри. Така градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски сега е веќе министер за надворешни работи, на Гостивар Арбен Таравари министер за здравство, а градоначалникот на Сарај Блерим Беџети седна на пратеничкото столче, а на нивните места се поставени вд градоначалници.