Ќе се подели или ќе преживее!? Во сабота се очекува да се разјасни судбината на Алијанса за Албанците по судирите внатре во партијата за позициите за предизборните коалиции. Првиот човек на Централното собрание, Зијадин Села, рече дека Собранието во сабота ќе заседава и ќе расправа за одговорноста на претседателот на партијата Арбен Таравари. Села вели дека на АА не и треба претседател со социјалните мрежи и каква и понуда има нека ја проследи до централното раководство и истото ќе одлучи.
„Мојата последна комуникација преку пораки беше вчера. Му реков да го повика централното претседателство за после една недела да донесеме одлука да одиме на централно собрание. Ми одговори и ми рече дека ќе го свика деновиве. И со големо неверување, како што и самиот знае, за жал и на мое најголемо разочарување ни подари статус на ФБ. На AА не и треба шеф на социјалните мрежи. Во сабота ќе бидат повикани и информирани членовите на централното собрание, а за точката на дневниот ред ќе одговара претседателот на партијата“, вели Зијадин Села.
Одговарајќи на новинарски прашања, Села рече дека одговорност значи и разрешување на претседателот на партијата. Заедно со Таравари, одговорност може да се бара и од двајцата министри од редовите на АА, Фатмир Меџити и Азир Алиу, за кои Села рече дека дошле од надвор со туѓи цели. Вели дека нема да дозволи да се остварат плановите на Мицкоски за поделба на партијата.
Од друга страна, првиот човек на партијата Арбен Таравари вели дека обезбедил 80 гласа од вкупно 133 членови на собранието на партијата. Таравари е убеден дека мнозинството во собранието е за, како што вели, сигурни промени. Се повикува на разумност и мудрост, за на крајот ДУИ да биде испратена во опозицијата. Во друг статус на неговиот профил вели дека големата промена започна и ништо не може да ја запре силата.
„Од тие стотици илјади ваши пораки за поддршка, среќен сум што можам да ви кажам дека големата промена доаѓа и ништо не ја спречува вашата сила. По објавувањето на вчерашната изјава на претседавачот на Алијансата за Албанците, за 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на членови на собранието од вкупно 133 што Собранието ги брои. Процесот на собирање потписи е во тек“, вели Арбен Таравари.
За Села ова претставува пропаганда на социјалните мрежи, а за тие потписи вели дека се лажни.
„Алијанса за Албанците, точно, не ја дава судбината на оваа партија и на народот со потпис на хартија што е лажен и не верувам дека е вистина. Тоа е едноставно пропаганда која се прави преку социјалните мрежи“, вели Зијадин Села.
Таравари најави дека обезбедил поддршка и од 19 членови на Академијата на партијата, меѓу кои и пратеникот Халил Снопче. Сите опозициски партии се радуваа и ја поддржаа одлуката на Таравари, најавувајќи дека сите заедно ќе ја донесат долгоочекуваната промена за Албанците.
