Кичеец добил 30 дена за лекување, Јавното обвинителство ќе истражува кој е виновен за несреќата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како Зоран Милевски Кичеец кој се наоѓа на издржување тригодишна затворска казна во затворот во Струга, за случајот Рекет се нашол на слобода. Во сообраќајната несреќа која вчера се случила на патот Гостивар – Кичево, токму Кичеец бил еден од учесниците во незгодата кој управувал со џип мерцедес. Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски за ТВ21 вели дека тој го дал одобрението со кое Кичеец добил 30-дневен прекин на издржување на казната поради здравствени проблеми, а која истекувала на 8 септември.

„Лицето Зоран Милевски Кичеец е на 30-дневен прекин на казна од здравствени причини. Одлука е на директорот на Управата, моја одлука, врз основа на барање од медицинскиот тим кој го врши лекувањето и преку Управата на затворот во Струга.“, вели Спасовски.

Го прашавме директорот Спасовски зошто Кичеец, како и сите други затвореници, не е спроведен со затворска полиција во посебниот оддел на Државната болница каде се лекуваат лица на издржување затворска казна и потоа на истиот начин да биде вратен во затворот.
„Така е, тоа е затворско лекување согласно Законот за извршување на санкции, директорот доколку смета дека има потреба, а во овој случај беше поткрепено со завидна медицинска документација, имаше кардиоваскуларни проблеми и оди на подолготрајни испитувања. Така што тие испитувања траеја подолг период.“, изјави Спасовски.

Кичеец кога се случила сообраќајната несреќа управувал со автомобилот Мерцедес, а со него биле уште двајца српски државјани кои се тешко повредени. Јавното обвинителство отвори истрага за тоа кој е виновен за несреќата во која загина едно лице. МВР излезе со соопштение во кое преку иницијали наведува дека Кичеец е еден од повредените.

„Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото „мерцедес“ и двајцата од Република Србија, сопатникот од товарното моторно возило од Гостивар и возачот, а со телесни повреди се здобиле возачите З.М и Е.Н. како и сопатникот од возилото БМВ. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од полициската станица Гостивар во присуство на Јавен обвинител“, велат од МВР.

Со реакција со јавија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Фактот што е на слобода Зоран Милевски Кичеец кој учествувал во сообраќајната несреќа, власта го правда со контрадикторни изјави. Еднаш велат дека тој е на слобода поради здравствени проблеми, после тврдат дека тоа е поради семејни причини. Очигледно дека власта на Заев се обидува нешто да забошоти и нешто да прикрие“, велат од опозицијата.

Кичеец е осуден на три години казна затвор за случајот Рекет и тој е единствениот кој го признал делото во кој уште се осудени и Катица Јанева и Боки 13. Кичеец поради признанието бил сместен на издржување на казната во затворот во Струга каде се наоѓаат осуденици за полесни кривични дела.