2026-та ќе биде година на културата за Кичево, откако општината го доби проектот да биде Град на културата за оваа година. На свечена церемонија, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека Кичево ја доби оваа титула како мултиетнички и мултикултурен град. За разлика од претходните години, кога градовите прогласени за Град на културата добиваа средства од 1, 2 или 3 милиони денари, оваа година Министерството му додели на Кичево 4 милиони денари.
„Ние имаме програма која, како што реков, работната група на градоначалникот, граѓанските организации и индивидуалните уметници ја изготвија, програма која беше доставена до Министерството за култура и беше многу значајна и победи затоа што во себе го содржеше мултиетничкиот контекст во еден град како што е Кичево. Поради таквата содржина и развој на програмата, одлучивме Кичево да биде Град на културата“, вели Зоран Љутков.
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, изјави дека културата не е трошок, туку инвестиција за иднината на младите генерации.
„Ова признание е чест, но и одговорност. Признание за нашата културна традиција која со децении се пренесува од генерација на генерација, признание за современата креативност што денес пулсира во секој дел од нашиот град. Кичево отсекогаш било крстопат на културата, град во кој разликите не нè разделуваат, туку нè збогатуваат, град во кој песната, играта, театарот и културата се дел од секојдневието“, вели Александар Јовановски.
Има 180 апликации за културни проекти и поголемиот дел од нив ќе се реализираат во текот на 2026 година, почнувајќи од 3 март па сè до 31 декември, кога ќе завршат со прославата на новогодишната ноќ.
