Кичево нема да ги наруши односите меѓу партнерите во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН, бидејќи Мицкоски изјави дека не слушнал дека ВЛЕН ќе го поддржи Фатмир Дехари во вториот круг.
„Го слушнав Фатмир Лимани, кој апсолутно не повика да не се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Тоа е прво. Второ, ВЛЕН испрати соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари како кандидат за градоначалник на Кичево.“, изјави Мицкоски.

Од другата страна, НАИ ја обвини ВЛЕН дека зошто не го поддржува Дехари во Кичево, додека дава поддршка во Брвеница.
„Денес целата структура, штабoт на НАИ, се обедини во штабот на ВЛЕН во Брвеница, и јас ви велам – браво, мажи сте. Така се однесува оној што има албански дух и крв. Од друга страна, ниту еден глас за Кичево, почнувајќи од Билал Касами па до сите останати кандидати на ВЛЕН. Не можам да ви кажам браво, туку срам да ви е, затоа што сè уште не сте се изјасниле.“, рече Зијадин Села од НАИ.

Инаку, во Кичево во вториот круг ќе се натпреваруваат кандидатот на НАИ, Фатмир Дехари, и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
Пред неколку дена, преку соопштение, ВЛЕН информираше дека побарале повлекување на кандидатот на НАИ од трката за да се заштити достоинството на процесот, по објавувањето на таканаречените компромитирачки материјали. Понатаму, од ВЛЕН истакнаа дека јавниот морал не се преговара и дека судот за тоа за кого ќе се гласа треба да го донесат самите граѓани.
