Веќе трет ден, пожарникарските екипи и Комуналното претпријатие се обидуваат да ги исчистат наносите како последица од поплавите.
Командантот на пожарникарите во Кичево, Филип Митревски, изјави дека најтешкиот терен за чистење била населбата Прилепска. Исто така, тој истакна дека поради ограничените капацитети на оваа единица за вакви ситуации, во помош пристигнале единиците од Битола и Кавадарци.
„Најтешка беше населбата Прилепска, каде што беше целосно евакуирано населението. Имаше поплави и во населбите Подварош и Карпош, сепак тука има повеќе материјални штети – вода во подрумите.“, изјави Митревски.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, изјави дека има подготвено проект за решавање на оваа состојба со поплавите, која се случува речиси секоја година во Кичево.
„Имам проект кој можам слободно да кажам дека е 99% готов за комплетирање и уредување на коритото на реката, премествување на оние објекти и куќи во населбата Прилепска кои се без дозвола и илегални. Дел од нив ќе бидат отстранети, а ние ќе го уредиме коритото на реката со сите урбанистички елементи – клупи, патека за велосипеди, бетонско корито, со што ќе создадеме место каде што граѓаните ќе можат да уживаат.“, изјави Јовановски.
Во спортската сала во Ивандол се сместени 63 евакуирани семејства, за кои Црвениот крст е присутен 24 часа, обезбедувајќи им храна, облека и сè што им е потребно.
„Во моментов имаме околу 63 евакуирани семејства, вкупно 250 лица, од кои околу 67 се деца, а останатите се возрасни. Им обезбедуваме три оброци дневно – појадок, ручек и вечера – и се трудиме оброците да бидат топли, во соработка со општината, ТЕЦ Осломеј и локалните донатори.“, рече Бесник Селими, секретар на црвениот крст во Кичево.
Се очекува евакуираните лица да останат во салата Ивандол најмалку уште 10 дена, бидејќи населбата Прилепска е во катастрофална состојба.
