Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека бројот на нови пријавени случаи поврзани со епидемијата во Гостивар изнесува 109. Тој соопшти и дека е воведен засилен здравствен надзор во постакутната фаза на епидемијата, со цел следење на заразните заболувања кои би можеле да се појават.
„Заклучно со денеска во Гостивар имаме 109 нови први контакти. Бројот во последните четири дена се движеше од 80 до 125, но во овој момент не можеме да кажеме колкав дел од нив се дел од вообичаената состојба, а колкав дел се поврзани со епидемијата. За да го утврдиме тоа, потребни се епидемиолошки анкети“, изјави Клековски на прес-конференција.
Тој посочи дека во последните 10 години, во јули во Гостивар просечно биле пријавувани околу 25 случаи на заразни заболувања, па сега треба да се направи разлика меѓу редовните случаи и оние кои се поврзани со епидемијата.
Според него, бројот на официјално пријавени случаи во моментов изнесува 869, од кои епидемиолошки се анкетирани 602 лица. Клековски апелираше граѓаните да продолжат со соработката со здравствените власти за следење на состојбата.
„Бидејќи акутната фаза на епидемијата во Гостивар се смирува, во консултација со Комисијата за заразни болести одлучивме да воведеме засилен надзор во постакутната фаза“, рече министерот.
Тој ги повика матичните лекари и здравствените установи во Гостивар да се насочат кон идните предизвици, особено кон следењето на хепатит А и Е, но и други заразни заболувања кои можат да се појават по завршувањето на епидемијата.
„Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари. Ќе бидат дадени и насоки за комуникација со граѓаните. Раното препознавање на случаите е од суштинско значење, за здравствените институции навремено да реагираат. Капацитетите за тестирање се подготвени“, изјави Клековски.
Тој додаде дека паралелно продолжуваат анализите за текот на епидемијата, при што се разгледуваат податоците од системот за пријавување заразни болести и податоците од системот „Мој Термин“ за дијагнози поврзани со ентероколит и слични заболувања.
„Ја анализираме периодот од 1 јуни па наваму, споредувајќи го со просекот од последните 12 години. Тоа ќе ни овозможи да преминеме во втората фаза – проценка на тоа што се случило, текот на настаните и реакцијата на системот. Ова ќе го направиме објективно и непристрасно, а за сите детали ќе ја информираме јавноста“, рече Клековски.
