Клековски: Над 40 милиони денари вложени во модернизација на Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Сашо Клековски го посети Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје, каде во последните две години се вложени над 40 милиони денари за модернизација на опремата и подобри услови за пациентите и вработените.

„Над 40 милиони денари за две години е сериозна инвестиција во јавното стоматолошко здравство. Тоа е резултат на поддршката од Министерството за здравство и ФЗОМ, но и на раководството на Стоматолошкиот клинички центар. Кога средствата се трошат наменски, тоа се гледа во секоја ординација: подобра опрема и подобри услови за пациентите и за вработените. И покрај тоа што приватни здравствени установи обезбедуваат дел од стоматолошките услуги неопходно е силна јавна стоматологија, посебно бидејќи оваа установа е терциерна установа каде се образуваат идните стоматолози“, истакна Клековски.

Како што посочи тој, посебно внимание е посветено на ординацијата за општа анестезија, која е целосно реновирана и доопремена. Во неа стручен третман добиваат лица со попреченост, деца кои не можат да соработуваат и пациенти со изразена дентофобија.

„За дете со попреченост и наједноставната стоматолошка интервенција често е можна само со општа анестезија. За тоа е потребен безбеден простор, соодветна опрема и обучен тим, а тоа денес го има тука. Ова покажува дека и со релативно мали средства, вложени на вистинското место, се решаваат значајни предизвици. Семејствата доаѓаат од целата држава за овој третман. Затоа, следниот чекор мора да биде децентрализација, за услугата да биде поблиску до пациентот“, информираше Клековски.

Министерот укажа и на улогата на општествената одговорност во здравството и им се заблагодари на компаниите што придонесоа во вложувањата. „Јавната установа ги вложи своите средства, а бизнисот и граѓанскиот сектор се приклучија. Кога сите работат заедно, резултатот е видлив и директно им служи на пациентите. Им благодарам на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и на компанијата Зегин. Ова е пример што треба да има продолжение“, рече Клековски.