Клиниката „Козле“ најде мир! – Разрешена Симоновска, на нејзино место доаѓа Бошковска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во декември очекуваше да остане директорка на Клиниката „Козле“.

Но оваа функција не и била „пишана„ на Каролина Симоновска.

По неколку месеци тензии, откако вработените постојано се жалеа за лошо менаџирање и притисок од неа, дури и со отворени писма до премиерот, в.д. директорката Симоновска е разрешена.

„Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорката д-р Каролина Симоновска“, велат од МЗ.

Нова директорка на Институцијата за респираторни болести кај децата „Козле“ е Катерина Бошковска – специјалист за педијатријска пулмологија која повеќе од 20 години е дел од тимот на клиниката. Во изјава за ТВ21 вети добра соработка со тимот на болницата и медиумите.

Разрешувањето на Каролина Симоновска дојде еден ден откако со службен документ им се закани на медиумите да не и го спомнуваат името.

Жалбите на голем дел од вработените за неа беа за многу прашања, како разрешувањето на специјалистите, при што тимот го остави со млади лекари без искуство, несоодветно управување, прекршување на процедурите, злоупотреба на ресурсите, неприфатлив однос, психолошко вознемирување и клевети. Сите овие обвинувања Симновска ги отфрли нарекувајќи ги лаги со цел да ја оцрнат нејзината работа.