Високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас, од Брисел порача дека пред нас се денови кои можат да го дефинираат текот на конфликтот. Таа потврди дека разговорите меѓу САД и Украина биле тешки, но се надева на позитивен исход.
„Ова може да биде клучна недела за дипломатијата. Вчера слушнавме дека разговорите во Америка биле тешки, но продуктивни. Сè уште не ги знаеме резултатите, но денес ќе разговарам со министерот за одбрана на Украина, како и со министерот за надворешни работи на Украина.“, рече Калас.

Од другата страна на Атлантикот, по четиричасовните разговори меѓу американските и украинските претставници во Флорида, претседателот Доналд Трамп изрази задоволство од напредокот. Тој нагласи дека примарна цел е да се запре губењето на човечки животи.
„Па, преговорите одат, и одат добро. Сакаме да запреме луѓе да бидат убиени. Нема многу врска со нас, но би сакал да видам дали можеме да спасиме многу животи. Многу луѓе се убиваат. Минатиот месец имавме 27.000 убиени во таа смешна војна која никогаш не требаше да се случи. А и никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател.“, вели Трамп.
Сепак, Трамп посочи дека постојат пречки. Тој директно ја спомена корупцијата во Украина како отежнувачки фактор, но останува уверен дека договор е можен бидејќи и Русија и Украина сакаат крај на војната.

„Украина има некои тешки мали проблеми. Има тешки проблеми. Но, мислам дека Русија би сакала да види крај, мислам дека Украина — знам дека Украина би сакала да види крај. …Па, имаме ситуација со корупција што се случува, што не е од помош. …Јас реков дека се случува три години, нели? Зарем не го реков тоа? Три години го велев. Значи, бев далеку пред распоредот, но мислам дека има добра шанса да постигнеме договор.“, изјави Трамп.
Додека се чека посетата на специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, на Москва за средба со Путин, Брисел има јасна порака. Калас предупредува дека ако се намали украинската армија без да се ограничи руската, историјата ќе се повтори.
„Воопшто земено, не мислиме дека е исправно да се навлегува во, знаете, одлуките на суверени држави, колку голема е нивната армија. Но мојата поента беше дека ако треба да има притисок врз украинската армија, која не нападнала никого, тогаш треба да има и притисок врз руската армија. А навистина руската армија е таа што претставува ризик за сите — и не зборувам само за европските земји, туку за сите соседни земји на Русија.“, кажа Калас.
НАТО и ЕУ продолжуваат со серија состаноци неделава, фокусирани на обезбедување на финансирањето за Украина пред крајот на годината.
