Коалицијата „Менуваме“ предупредува: Во ризик се исплатите и социјалните услуги

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата „Менуваме“ изразува загриженост дека средствата предвидени со ребалансот на Буџетот нема да бидат доволни за социјалната заштита до крајот на годината. Тие посочуваат дека, иако Министерството за финансии обезбедило дополнителни 1,5 милијарди денари, според нивната анализа недостигаат околу 3 милијарди денари, а исплатите на социјалната помош веќе доцнат за корисниците.

„Во втората точка се наведува дека ќе бидат додадени 150 милиони денари за организациите кои вработуваат лица со попреченост. Меѓутоа, тоа се средства што се однесуваат на 2025 година и кои Министерството за социјална политика, демографија и млади сè уште не ги исплатило. Понатаму, во третата точка се наведува дека ќе бидат обезбедени уште 180 милиони денари за социјалните услуги, но според нашата целосна анализа, во овој сектор недостигаат 500 милиони денари.“, вели Суарет Алишан.

Алишан исто така изрази загриженост дека нема да биде исполнето барањето за враќање на часовите за лична асистенција, кои, според него, биле незаконски намалени. Напротив, смета дека часовите ќе продолжат да се кратат и дека постои ризик услугата за лична асистенција постепено да згасне.

„Покрај тоа, во Буџетот не гледаме дека се предвидени средства за лицата кои се здравствено осигурени преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, бидејќи нема предвидени средства за месец декември. По целокупната анализа, дојдовме до заклучок дека за ноември и декември нема да имаме здравствено осигурување, кое е наше основно право како корисници на системот на социјална заштита.“, вели Суарет Алишан.

Инаку, во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието продолжува расправата по амандманите за ребалансот на Буџетот за 2026 година, која според Деловникот на Собранието може да трае најмногу десет работни дена, по што предлог-ребалансот ќе се најде на пленарна седница.