Бугарија ќе им оддаде почит на жртвите од една од најтешките сообраќајни несреќи во земјата. Владата одлучи утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост по двете верижни несреќи на автопатот „Тракија“, во кои загинаа 12 лица, а десетици беа повредени.
Бугарскиот премиер Румен Радев ја опиша трагедијата како „црн ден за цела Бугарија“, упатувајќи сочувство до семејствата на загинатите.
Повредените се пренесени во болниците во Бургас, Сливен и Јамбол. Според министерката за здравство Катја Ивкова, во трите здравствени установи биле згрижени вкупно 51 пациент. Најголем дел, 33 лица, се хоспитализирани во Сливен, 11 во Јамбол, а седум во Бургас.
Тринаесетмина од повредените се во тешка здравствена состојба. Еден пациент во болницата во Бургас бил подложен на сложена операција поради повеќекратни повреди. Лекарите оценуваат дека постојат сериозни шанси да ја преживее несреќата.
Премиерот Радев најави дека заедно со министерката за здравство лично ќе ги посети повредените. Тој им се заблагодари на спасувачките екипи и на граѓаните кои учествувале во извлекувањето и помошта на настраданите, во исклучително тешки временски услови и при намалена видливост.
За транспорт на повредените и обезбедување дополнителна медицинска помош се ставени во готовност владиниот авион на аеродромот во Бургас, како и двата воени транспортни авиона „Спартан“, стационирани на аеродромот Безмер. Тие ќе бидат употребени доколку се покаже потреба.
