Кочоска: Ќе се стега рамката околу брзите кредити – наплатувале повеќе од законски дозволеното

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се заостри рамката околу финансиските друштва кои даваат брзи кредити, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во емисијата Бизнис 21. Рече дека изминатава година сериозно се работело на зајакнување на контролата врз овие друштва. Одземени се две лиценци, изречени се казни и издадени се 37 опомени, бидејќи не работеле според закон. Теренските контроли го констатирале токму тоа на што најмногу се жалат граѓаните дека влегуваат во должничко ропство – им се наплатува повеќе од законски дозволеното. А имаше и случаи со злоупотреба на податоци, кога некој друг зема брз кредит во нивно име.

-Две лиценци се одземени,еве точно сега го гледам, четири прекршочни налози и глоби се констатирани. Имаме информации што се случува на терен. Сега се спрема уште една прекршочна за едно друштво со сериозни пропусти точно во делот на пресметките кои што ги правеле и начинот као ги калкулирале трошоците се спротивно на закон. Нормално и тука нашата цел е да ги заштитиме пред се граѓаните. Не беше целта директно да ги затвориме бидејќи сепак граѓаните ни се приоритет во делот нели на заштита,нели некој веќе враќал, враќал повеќе од тоа што законски требало, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Покрај подзаконски акти, министерката рече дека се размислува на измена и на нивниот закон каде ќе се решат сите досегашни пропусти. А во контролите се вклучило и финансиско разузнавање во делот на перење пари.

Многу внимание се посветува на ова и ќе се стега дефинитивно целата таа рамка околу нив. И она што е најважно вклучивме финансиско разузнавање преку делот нели на перење пари, со цел и тие поблиску со нас да работат во констатирање, поставување одредени индикатори, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

ТВ21: Има такви индиции?

Во овој момент не можеме да кажеме затоа што видете законот нив им дозволува дел од средствата, нели како е до 1.000 евра да исплаќаат во кеш. И во таа насока размислуваме како тој дел да го затегнеме, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Финансиските друштва во земјава лани оствариле вкупен приход од 99,6 милиони евра. Најголем дел завршил кај 10 од нив- кај нив се слеале 95,7 милиони евра. Профитот пак кај овие 10 друштва е над 20 милиони евра, или подобар за над 78% во однос на претходната 2023 година.

Граѓаните лани се задолжиле со над 160 милиони евра преку брзи кредити. Дури 30.000 брзи заеми вредни 20 милиони евра се ризични и граѓаните тешко можат да ги вратат на финансиските друштва.