Ако сакате да согорите повеќе маснотии, пијте кафе половина час пред тренинг, велат научниците, кои врз основа на истражување на 15 помлади мажи заклучиле дека три милиграми кофеин на килограм телесна тежина го забрзуваат согорувањето на маснотиите за време на вежбање, пишува Medical News Today.
Администрацијата за храна и лекови (ФДА) препорачува здравите луѓе да не внесуваат повеќе од 400 милиграми кофеин на ден, што е приближно четири или пет чаши.
Треба да се има на ум дека некои луѓе различно го метаболизираат кофеинот и ги чувствуваат негативните ефекти кога конзумираат помали количини кафе. Просечната шолја кафе содржи околу 100 милиграми кофеин.
Кафето како стимуланс честопати се поврзува со подобри атлетски перформанси, иако научните докази кои стојат зад таа теорија не се толку сеопфатни како што треба.
Преглед на 21 мета-анализа објавена во 2019 година сугерира дека кофеинот може да ги зголеми перформансите на вежбите со зголемување на анаеробната сила, аеробната издржливост и мускулната сила и издржливост. Податоците исто така покажаа дека позитивниот ефект на кофеинот врз овие маркери за перформанси бил поизразен за време на аеробни отколку за време на анаеробни вежби.
За да истражат како кофеинот го подобрува согорувањето на мастите, научниците од Одделот за физиологија на шпанскиот универзитет во Гранада го испитале влијанието на внесувањето кофеин врз максималната стапка на оксидација на маснотии кај активните помлади мажи за време на умерен тренинг.
Петнаесет волонтери, со просечна возраст од 32 години, учествуваа во четири теста во текот на четири недели. Им дадоа плацебо и додатоци на кофеин во осум наутро и во 17 часот, а по половина час почнаа да вежбаат.
Резултатите покажаа дека по конзумирање на кофеин кај испитаниците, согорувањето на мастите во текот на утрото се зголемило за 10,7 проценти и за дури 29 проценти попладне, изјави Франциско Хозе Амаро-Гахете, научник од шпански универзитет.
Разликата не е изненадувачкa затоа што според деноноќниот ритам, согорувањето на мастите е помало наутро отколку попладне.
Шпански научници велат дека консумирањето силна чаша кафе или еквивалентна количина кофеин непосредно пред умерено интензивен аеробен тренинг попладне е најефикасно кога станува збор за максимално согорување на маснотиите во организмот.
Со оглед на тоа што ова е студија со релативно мал број учесници, рано е за конечни заклучоци, но резултатите јасно покажуваат дека постои врска.
Резултатите сугерираат дека комбинацијата на единечна потрошувачка на кофеин и попладневна вежба со умерен интензитет промовира согорување на маснотиите, заклучија истражувачите во списанието Меѓународно здружение за спортска исхрана.
Но, треба да се има предвид дека прекумерната потрошувачка на кофеин може да предизвика и непријатни несакани ефекти, како што се несоница, нервоза, вознемиреност, забрзано чукање на срцето, гадење и главоболки.
За луѓето со одредени медицински состојби, како што е неправилен срцев ритам, кофеинот може да ги влоши симптомите поврзани со болеста.
Луѓето кои стравуваат дека потрошувачката на кофеин може да го влоши нивното здравје, треба да се консултираат со својот лекар пред да консумираат пијалоци со кофеин.
