„Кога Германија не го смени ставот на Бугарија за ветото, не верувам дека некој друг ќе може“, вели Бибер во ClickPlus

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Флоријан Бибер, професор и историчар, вечерва преку видео е соговорник во „Клик Плус“ на ТВ21. Разговараме за актуелни теми од надворешната политика, односно членството на Македонија во ЕУ, а тука неизбежно за коментар е и ветото од Бугарија.

Бибер смета дека ветото од Бугарија кон Северна Македонија дошло во миговите на претседавање на Германија со ЕУ, и штом Германија не успеала да го смени ставот на Бугарија, тогаш тој е песимист дека некој друг би можел.

„Мислам дека позицијата е многу јасна а тоа е дека голем број на земји членки отворено ги искажаа своите фрустрации кон Бугарија. Проблемот  е се разбира што не можат да присилат една земја да се откаже од своите барања. Дури и грчкото вето долги години имаше многу мала поддршка во Европската Унија, единствената причина зошто Грција успеа е дека на неа тоа прашање и беше толку многу важно а не доволно важно за другите да направат притисок против тоа. За жал, истата ситуација се случува и со Бугарија. Дури мислам дека Бугарија има помалку симпатии од Грција во Европската Унија“, вели Бибер и додава:

„ Може треба да се почека Бугарија да има стабилна влада, Германија да има стабилна влада, само тогаш би можел да се очекува поголемо поместување. Знам дека тука се преговорите и исто така постои обид за да се изврши притисок врз Бугарија, но прашањето е дали е тоа доволно за да се направи еден контра баланс, каде јасно ќе се искомуницира со Бугарија дека за оваа своевидна тврдоглавост треба да се плати цена, а цената е превисока. Бугарија треба да се повлече, но како гледаме тоа за сега не се случува. Германија претседаваше со Унијата кога Бугарија го приложи своето вето, кога германското претседавање не успеа да го промени тоа не мислам дека било кој друг би бил способен да го промени, затоа ни требаат нови влади да ја откочат оваа динамика, за жал“, рече Бибер.