Косово: Деветмина уапсени за воени злосторства во Зубин Поток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во акција на косовската полиција спроведена во Зубин Поток, девет лица се уапсени под сомнение за воени злосторства против цивилното население, соопштија надлежните. Акцијата е поврзана со случајот познат како „Групата на интелектуалци“.

Според Специјалното обвинителство и косовската полиција, акцијата со кодно име „Досие 23“ била спроведена во раните утрински часови на 27 септември во Зубин Поток, во северниот дел на Косово, каде што мнозинството од населението е српско.

Надлежните не соопштија повеќе детали за операцијата.

Акцијата следува откако на 19 септември, преку ДНК-анализа, било потврдено дека посмртните останки на три жртви пронајдени во масовните гробници во Зубин Поток им припаѓаат на членови на „Групата на интелектуалци“.

Подоцна, семејствата потврдиле дека една од идентификуваните жртви е Идриз Рецај.

„Групата на интелектуалци“ главно ја сочинувале жители од Скендерај и Митровица, кои, според косовските власти, биле киднапирани и насилно исчезнати на 19 април 1999 година од страна на српските сили. Меѓу 23-те лица од оваа група имало активисти, професионалци и јавни личности од областа на Митровица, кои исчезнале во подрачјето на Зубин Поток.

Во август годинава, надлежните извршија ископувања во Калудер и Јабука, во Зубин Поток, каде што биле откриени три масовни гробници и посмртни останки на најмалку 23 лица. Примероците од останките потоа биле испратени во Хаг, Холандија, за ДНК-идентификација.

Според косовскиот премиер Албин Курти, се очекува во „наредните недели“ Косово да ги добие резултатите и за другите примероци испратени во Хаг на испитување.

Масовните гробници во Зубин Поток беа откриени по двегодишна истрага поврзана со сомневања за воени злосторства, соопшти Специјалното обвинителство.

Претходно, во врска со овој случај биле уапсени четири лица, идентификувани со иницијалите Ј.Р., М.Ј., Р.К. и М.Б., кои се осомничени за воени злосторства против цивилното население. Сите четворица се во притвор.

Еден од уапсените, според надлежните, е осомничен дека за време на војната бил активен припадник на Југословенската армија.

Според Институтот за злосторства извршени за време на војната во Косово, 1.577 лица и натаму се водат како исчезнати од војната во периодот 1998–1999 година, додека се документирани вкупно 12.230 воени жртви.

Косово во континуитет бара од Србија соработка во расветлувањето на судбината на исчезнатите лица и пристап до воените архиви, кои, според косовските власти, би можеле да помогнат во идентификувањето на можни локации на масовни гробници.