Под мотото „Збор на денот: заедница“, во саботата во дворот на ЈП „Лајка“ се одржа првиот настан „Чинија љубов“, на кој заедно со граѓаните што го посетија настанот се подготвуваа готвени оброци за бездомните кучиња.
„Благодарение на заедничкиот труд, беа подготвени и поделени вкупно 210 оброци. Со полна чинија беше нахрането секое куче во прифатилиштето, како и кучињата кои се наоѓаат во неговата околина“, информираа од „Лајка“.
Според нив, ваквите настани се важни не само поради непосредната помош што ја обезбедуваат, туку и поради нивната улога во подигнувањето на јавната свест за благосостојбата на бездомните животни. Тие им овозможуваат на граѓаните непосредно да се запознаат со работата на прифатилиштето, со секојдневните потреби на кучињата и со начините на кои можат да помогнат.
„Преку дружење, волонтирање и заедничко учество се развиваат емпатијата и чувството на лична одговорност, но се испраќаат и важни пораки за одговорното сопствеништво, стерилизацијата, вдомувањето и ненапуштањето на домашните миленици. Токму преку вакви средби се надминуваат предрасудите кон бездомните кучиња и се создава заедница која не го набљудува проблемот од страна, туку активно учествува во неговото решавање“, велат од јавното претпријатие.
Специјална гостинка на настанот беше проф. д-р Наташа Ѓорговска, научен советник при Институтот за сточарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки. Таа за настанот подготви посебни деликатеси, додека „Луна Пет Шоп“ ја поддржа иницијативата со донација на суплементи.
ЈП „Лајка“ изрази благодарност до сите граѓани, поддржувачи и донатори кои беа дел од настанот и придонесоа ниту едно куче да не остане без полна чинија.
