„Кога-тогаш ќе одговараат и Ива и татко и“ – Мицкоски жали што бугарските власти покажуваат „мускули“ со овој случај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Апсолутно е неточно тоа што се пласира во Бугарија дека Ива Михаилова ја преминала македонско-бугарската граница преку официјален граничен премин,тврди премиерот Христијан Мицкоски во врска со нејзиното пребегување во Бугарија. Тој вели дека МВР се уште го истражува начинот на кој Михаилова е пренесена на бугарска страна, но тврди дека таа на нелегален начин преминала и тоа во соработка со нејзиниот бугарски адвокат, кој во земјава всушност влегол на 28 септември, а не како што тој рече дека ден пред да ја земе Михаилова ја преминал границата. Мицкоски три пати повтори дека и Ива Михаилова и нејзиниот татко ќе одговараат пред македонските власти. 

-МВР истражува и ќе дојдеме до сознанија на кој начин е однесена. Она кое што исто така сакам да го кажам е дека и родителот кој што треба да одговара пред македонските власти и Ива која што треба да ја докажува својата невиност ќе одговараат. Кога – тогаш. Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин, да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самата себе си ја прави на меѓународен план, но тоа е нивна одлука, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

За овој случај, од СДСМ уверуваат дека се работи за договор меѓу Македонија и Бугарија за пуштање на Михаилова да избега и бараат одговорност од министерот за внатрешни работиТошковски. 

-Скандалот со договореното пуштање на Ива Михаилова мора до крај да се расчисти, со докази и со утврдување кривична и политичка одговорност. Не театар, повикување амбасадор, потерници и најави за притвори, префрлање одговорност, спинови. Одговорност, од прв до последен. Правда нема. Никој не одговара, сите бегаат, најмногу бегаат преку граница. Затоа бараме оставка од Тошковски, изјави Александар Наумоски од СДСМ.

За обвинувањата од СДСМ Мицкоски вели дека тие ја држат оваа тема во јавност и со тоа се обидуваат да добијат политички поени, но во суштина имаат ист став како и Бугарија. 

-Токму тоа што опозицијата и раководството на нашиот источен сосед се на иста линија говори многу за тоа што била намерата и каква е намерата, ниту пак Ива е намерата, ниту пак било што. Намерата е да се создаде политичка тема која што тие претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција односно на ВМРО-ДПМНЕ да бидам попрецизен и на тој начин ќе обезбедат одреден бенефит за опозицијата која што има буквално идентичен став како што има раководството на Бугарија, вели премиерот Мицкоски.

Бугарското Министерство за внатрешни работи доби и официјално известување од македонскиот Интерпол со барање за меѓународна потерница, апсење и екстрадиција на Ива Михаилова. Но тие не преземаат мерки за нејзино лоцирање и екстрадирање, бидејќи се повикуваат на нивниот Устав според кое лице што е бугарски државјанин не може да биде екстрадиран.