Истрагата за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани е запрена за шест полициски службеници и началници кои беа осомничени за кривичното дело „предизвикување општа опасност“ со смртни последици.
Извори од истрагата за ТВ21 велат дека се работи за лицата: Д.А. од Штип, Љ.Т. од Штип, А.А. од Штип, Ј.Т. од Пробиштип, М.С. од Кочани, и В.И. од Чешиново-Облешево.
Обвинителството оценило дека овие лица не можат да одговараат за делото „предизвикување општа опасност“, бидејќи нивните законски надлежности не вклучувале контрола на противпожарните мерки, туку биле ограничени на проверка на безбедноста во сообраќајот и обезбедувањето доволен број паркинг-места за објектот.
Во наредбата се наведува дека „согласно Законот за угостителска дејност, тие биле должни да вршат проверки исклучиво во делот на заштитата на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот“.
Истрагата за пожарот во „Пулс“ сè уште опфаќа околу 20 други полициски службеници, додека по истиот трагичен настан веќе е отворена судска постапка со 35 обвинети и три обвинети правни лица. Во пожарот што се случи на 16 март минатата година загинаа 63 лица, а над 200 беа тешко повредени.
