Кои ветувања на ВРЕДИ се во владината програма? Отстранувањето на 20%, претседател во Собрание, државните акции…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отстранувањето на терминот 20% за албанскиот јазик во Уставот, изборот на претседателот на државата во Собранието, целосното затворање на казината и брзите кредити, како и распределбата на по 10 илјади евра за секој поединец за вклучување на граѓаните во акциите на државните претпријатија. Ова беа дел од главните ветувања на коалицијата ВРЕДИ пред два месеци, за време на изборната кампања. Но, колку од овие ветувања може да се најдат во владината програма 2024-2028 година што до Собранието ја достави мандатарот Христијан Мицкоски?

Прелистувајќи го планот за работа на идната влада, никаде не се предвидува целосно отстранување на казината и брзи кредити. Не е предвидена распределба по 10.000 евра за секој поединец и нивно вклучување во акциите на државните претпријатија. Не се предвидени ниту ветувањето дека претседател на државата ќе се избира во Собранието и отстранување на терминот 20% за албанскиот јазик.

Кога го прашавме за сето ова, мандатарот за формирање влада, Христијан Мицкоски, не кажа што прифаќа и што вклучува од владината програма на коалицијата ВРЕДИ, но рече дека владината програма е заедничка и се заснова на четири столба. Борба против криминалот и корупцијата, подобрување на стандардот на граѓаните, забрзување на европската интеграција и еднаков развој преку децентрализација.

За тоа што е опфатено до програмата на ВРЕДИ во владината програма, се обидовме да добиеме одговор од претставници на ВРЕДИ, но без успех. Ни рекоа дека за ова прашање утре ќе излезат да зборуваат сите лидери на ВРЕДИ .

-Еден од предлозите е изборот на претседателот на првите два гласања со 2/3 од гласовите, во третото гласање со просто мнозинство од 61 глас. Исто така за 20% апсолутно остануваме таму, т.е. мора да разговараме и во разговорите нагласивме дека тоа ќе биде еден од неопходните услови на ВРЕДИ кога ќе се направат уставните измени, вели Арбен Таравари од АА и ВРЕДИ.

-Ние се ќе сториме за да го укинеме коцкањето. Нашата идеја е да ги укинеме и брзите кредити кои претставуваат обична заработка. Ќе ги укинеме долговите на луѓето со брзи кредити, вели Африм Гаши, претседател на Собранието од ВРЕДИ.

Покрај горенаведените ветувања, ВРЕДИ пред избори вети и дека до крајот на мандатот граѓаните ќе добијат минимална плата од 800 евра, планови за фискална децентрализација, нула камата за домување за млади брачни парови, слободни меѓугранични зони, компензација за политички прогон и сл.