Пред да резервираат лет или да тргнат на патување во странство, патниците сè почесто мора да ги земат предвид безбедносните услови во земјата што планираат да ја посетат. Војните, политичките кризи, криминалот и природните непогоди се меѓу факторите што можат да го направат патувањето ризично, покажува Глобалната мапа на ризици за 2027 година на американската компанија за корпоративна безбедност „Глобал гардијан“.
Според анализата, Македонија и другите земји од Западен Балкан се наоѓаат во категории со низок до умерен севкупен ризик, за разлика од деловите на светот погодени од вооружени конфликти и тешки хуманитарни кризи.
Мапата ги класифицира земјите во пет категории на ризик, од низок до екстремен, земајќи предвид седум клучни фактори: воени конфликти, криминал, тероризам, политичка нестабилност, здравствена заштита, инфраструктура и природни катастрофи.
Меѓу дестинациите со највисок ризик се наведуваат Украина, Газа, Судан, Јемен, Сомалија, Сирија, Авганистан и Хаити, каде што вооружените судири, хуманитарните кризи и нарушеното функционирање на институциите претставуваат сериозна закана за безбедноста.
Извештајот посочува дека ризиците не се исти во сите делови на една земја. Како особено проблематични се издвојуваат Кулијакан во Мексико, Гвајакил во Еквадор и Порт о Пренс на Хаити поради насилството поврзано со организираниот криминал и активностите на вооружените банди. Меѓу градовите со сериозни безбедносни предизвици се наведуваат и Дурбан, Гватемала Сити, Картум, Могадишу и Гома.
Сепак, мапата регистрира и подобрувања. Јамајка преминува од категоријата со висок во категоријата со среден ризик, додека Јужна Кореја се враќа во групата земји со низок ризик по период на политички превирања.
За Македонија, главните предизвици се поврзуваат со повремени политички протести, социо-економските притисоци и потребата од дополнителни инвестиции во инфраструктурата и здравствениот систем. Во однос на глобалните жаришта, земјата се смета за релативно безбедна дестинација за патување, деловни активности и транзит.
Експертите, сепак, препорачуваат патниците пред заминување во странство да ги проверуваат не само меѓународните анализи, туку и официјалните предупредувања и препораки на Министерството за надворешни работи.
