Законот за јавното обвинителство и натаму заглавен во меѓусебни препукувања на власта и опозицијата. Техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека во последната верзија на законот за предвидени и експертските препораки, како што инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Истакна дека не очекува да дојде до одложување на распуштањето на парламентот како што вчера рече лидерот на СДСМ Зоран Заев. Спасовски сепак не е оптимист и вели дека не очекува компромис од ВМРО-ДПМНЕ, а доколку законот се најде во собраниска процедура можно е да биде блокиран од опозициските пратеници.
„Кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ мене ми е совршено јасно дека се е можно заради тоа што таму сметам дека не надвладуваат националните интереси над партиските и личните интереси. Тоа што го бара ВМРО-ДПМНЕ ако сакате народски да биде кажано, тоа значи сите предистраги кои што се започнати да бидат стопирани со решение. Е тоа е прашање за кое што не може да се преговара и не може да има компромис“, истакна Оливер Спасовски.
ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати одложување на изборите, а законот за јавното обвинителство се користи да се одложи изборното соочување, рече лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, повикувајќи се на вчерашната изјава на Заев. Повтори дека како партија бараат експертите да го напишат законот меѓу кои професорите Камбовски, Силјановска, Тупанчевски, Калајџиев, Каракамишева и Лажетиќ.
„Законот за јавното обвинителство го користи единствено како изговор за останување на власт а од изговори и блефови веќе е доста. ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање тим од врвни експерти кои што ќе работат на изготвување на овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени експерти кои што ќе работат на изготвување а овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право“, додаде Христијан Мицкоски.
Иако законот за јавно обвинителство денеска требаше да помине на владина седница за утре да биде испратен во Собранието, се чини дека власта остава уште малку простор за да се постигне договор со опозицијата. Од Кабинетот на министерката за правда Рената Дескоска испратија соопштение преку кое повторно е упатен повик до ВМРО-ДПМНЕ да достави амандмани на законот.
„Законот за јавно обвинителство се изготвуваше долг временски период во Министерството за правда, од работна група во која учествуваа домашни и странски експерти, научна јавност, јавни обвинители. Законот е се уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, тогаш нека подготви амандмани на овој текст. Се останато е алиби за недонесување на законот“, велат од Министерството за правда.
Вчера министерката Рената Дескоска одржа средба со работите групи од помалите политички партии за да се усогласи текстот со нивните забелешки.
