Учебникот по географија за втора година гимназија има фашистичка содржина, а министрите на ДУИ кои досега поминаа во Министерството за образование не направија ништо за да ги сменат овие учебници, рече синоќа во „Клик Плус“, претседателот на Младинскиот форум на Алијанса за Албанците, Омер Ајдини.
„Секој фашистички режим, прво нешто што сакаше да направи е да истреби еден народ, да го отуѓи, т.е. рече дека не припаѓа на оваа територија, по што ја оправдуваше некој кампања за искоренување на тој народ. Така направи Милошевиќ, така направи Хитлер, секој фашист го стори тоа. Мислиме дека е скандалозно… и министрите на ДУИ кои досега беа на власт, освен што ставаа „пудра“ и освен тендерите кои им ги даваа на своите луѓе, апсолутно ништо друго не направија“, истакна Омер Ајдини.
Со контра-одговор претседателот на Младинскиот форум на ДУИ, Авни Рустеми, кој рече дека имало иницијативи од страна на нивните министри, додавајќи дека во мандатот на екс-министерот Арбр Адеми бил коригиран 51 учебник, но тоа не значи дека се коригирани сите.
„Оваа процедура ја започна поранешниот министер и ќе продолжи сега и во пратеничкиот мандат. За жал, опозицијата никогаш не беше обединета за национални прашања. Мислиме дека проблемот се решава со давање изјави пред медиуми, но реалноста е сосема поинаква. Кога ќе почнеш со работа и кога ќе видиш каква е процедурата, многу е поинаку“, посочи Авни Рустеми.
Првиот човек на младите од Алтернатива, Афан Елези, рече дека веќе не треба да се зборува за иницијативи, туку за преземање одговорност – зошто учебникот по географија не е сменет 20 години?
„Веќе не треба да зборуваме за иницијативи. Сега треба да зборуваме за одговорност. Кој треба да понесе одговорност за она што досега не е направено? Не можеме да излеземе и да кажеме зошто не реагирале родителите, зошто не реагирале учениците или професорите. Реагираа, Авни. Сите реагираа, но сепак наидоа на глуво уво“, вели Афан Елези.
Алби Ќамали, од Младинскиот форум на Движење Беса, потврди дека ниту сегашната опозиција АА-ААА не го кренала гласот во месеците кога била во Влада.
„Да не заборавиме дека дел од владините кабинети беа и Алијанса за Албанците и Алтернатива кои не преземаа никаква иницијатива во врска со ова прашање….“, вели Алби Ќамали.
-А Беса?
„Движењето Беса е сега на власт. И кога беше во опозиција реагираше за ова прашање…“
Учебникот по географија за втора година за реформираните гимназии, во делот каде се зборува за структурата на населението пишува дека „од Албанците во Македонија постојат племиња кои самите се сметаат за автохтони, но главно се македонско население кое во време на турското владеење го прифатило исламот и е албанизирано, а меѓу нив има некое племе со турско, ромско и черкеско потекло“. Ова издание е усвоено од МОН во 2002 година.
