Кој е наследникот на Олаф Шолц? Се противи на мигрантите, го менува пристапот кон Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фридрих Мерц, долгогодишен политички ривал на поранешната канцеларка Ангела Меркел, моментално е лидер на германските демохристијани (ЦДУ) на водечката позиција за идниот германски канцелар, по гласањето за недоверба на социјалдемократот Олаф Шолц.

Познат по своите корпоративни врски и богатството стекнато во приватниот сектор, Мерц има имиџ на прагматичен политичар, но и личност која понекогаш е критикувана дека е арогантна и чувствителна.

Анкетите покажуваат дека Мерц, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе има значителни шанси да победи на предвремените избори закажани за 23 февруари.

ЦДУ, заедно со нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), очекува да постигне силна позиција и најмногу места во Бундестагот, а раководството на Мерц на партијата е обележано со поместување надесно, особено за прашања на миграцијата и безбедноста, но и на економијата.

Со 69 години, Мерц би можел да стане најстариот канцелар во германската историја, надминувајќи го Конрад Аденауер, првиот повоен канцелар. Тој би можел да биде избран бидејќи Германија се соочува со низа предизвици: стагнација на економијата, потреба од инвестиции во инфраструктурата и индустријата и растечките геополитички закани, вклучително и војната во Украина и заканите од Русија. Мерц вети политики кои ќе ја „турнат Германија напред“ и ќе ја вратат гордоста на граѓаните во нивната земја.

Мерц по струка е адвокат, а политичката кариера ја почнува во 1989 година како пратеник во Европскиот парламент. Подоцна беше избран во Бундестагот, каде беше до 2009 година. Сепак, неговата политичка кариера беше комплицирана со конфликтот со Ангела Меркел, која во меѓувреме го презеде раководството на ЦДУ, а Мерц мораше да ја напушти политичката сцена.

По повлекувањето од политиката, Мерц изгради успешна кариера во приватниот сектор, работејќи како партнер во адвокатската фирма Мајер Браун, а исто така служеше и како претседател на германската филијала на BlackRock, американска инвестициска компанија.

Мерц беше реизбран во Бундестагот во 2021 година, а набрзо потоа ја презеде лидерската позиција во ЦДУ. 

Иако критичарите го обвинија Мерц за популистичка реторика, неговите поддржувачи го сметаат за политичар кој не се грижи за политичката коректност и претпочита да го каже своето мислење без страв дека ќе ја изгуби поддршката. 

Мерц силно се спротивстави на политиката на Меркел за отворени врати за бегалците, а неговата миграциска политика се карактеризира со фокусирање на безбедноста, законот и редот. Но, неговите ставови за мигрантите, предизвикаа контроверзии.

Тој еднаш ги нарече децата на мигрантите „мали копилиња“ без почит кон авторитетот, а истовремено сугерираше дека мигрантите имаат пристап до скапи стоматолошки услуги додека обичните германски граѓани не можат да се прегледаат. Тој, исто така, го критикуваше зголемениот прилив на украински бегалци, кои ги нарече практикување „социјален туризам“, чија единствена цел е да ги искористи германските услуги, но подоцна се извини.

Мерц, исто така, силно ја поддржува Украина во нејзиниот конфликт со Русија и се залага за построг пристап за обезбедување воена помош за Украина, вклучително и одобрување на ракетите Таурус со долг дострел, пишува Вашингтон пост. Тој е цврст поддржувач на Израел, се залага за испраќање оружје на израелската влада и ги отфрли критиките за политиката на премиерот Бенјамин Нетанјаху во конфликтот со Хамас во Газа.

Со оглед на зголемените тензии во Европа, неговата политичка позиција може дополнително да се обликува со прашања поврзани со воените трошоци и инвестициите во стагнантната домашна економија.