Кој е поголем бугарофил? – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања за национално предавство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини коалицијата ВМРО ДПМНЕ–ЗНАМ дека е „најголемиот колектив на бугарофили“ во историјата на Македонија, тврдејќи дека функционери на власта и нивни роднини поседуваат бугарски пасоши, додека јавно се претставуваат како патриоти. Од СДСМ велат дека Владата ја држи блокирана европската патека на земјата со одбивање да се вклучат малцинствата во Уставот.

„Сега тие зборуваат за ‘бугарофили’ и нè обвинуваат нас во СДСМ дека сме предавници. Вистинските предавници на македонските национални интереси се во Владата на Мицкоски. Најголемиот колектив на бугарофили во историјата на Македонија денес се наоѓа токму во редовите на коалицијата тендер ВМРО–ЗНАМ. Половина од оваа коалиција има бугарски пасоши. Министри, пратеници, директори, функционери – сите со црвени пасоши на ЕУ, додека се преправаат дека се лажни патриоти пред народот.“, порача Богданка Кузеска.

Според опозицијата, вклучувањето на малцинствата е услов за продолжување на европските интеграции, а го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за изолација, пропаганда и продлабочување на политичката криза во земјава.

Од владејачката партија, пак, го обвинуваат лидерот на СДСМ Венко Филипче дека застапува ставови блиски до Бугарија и поддржува уставни измени кои, според нив, го загрозуваат македонскиот идентитет, јазик и историја.

„И кога мислевме дека не може пониско, Филипче повторно вели: зошто да не ги внесеме Бугарите во Уставот, кога тоа не претставува никаков ризик, ниту го загрозува нашиот идентитет. Сето ова додека бугарската министерка Петрона Чамова вели дека сме ‘северномакедонци’. Филипче продолжува да остане единствениот политичар во Македонија кој е најгласен за уставните измени.“, вели Валентин Манасиевски.

Дебатата за уставните измени и европската интеграција во последно време ги заостри политичките судири меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со меѓусебни обвинувања за политичка манипулација, блокирање на реформите и фаворизирање на бугарски интереси во евроинтегративниот процес на земјата.