Роден на 15.04.1962 година во Гостивар, Форино. Основното училиште Талат Џафери го завршил во село Чегране, додека средното образование го завршил во Белград, каде што ги завршил студиите на Воената академија а бил дел и од ЈНА, а потоа и од Македонската армија. Специјализацијата ја продолжил на Воената академија „Михаило Апостолски“ во Скопје. Од 1985 до 1991 година бил офицер на ЈНА, додека од 1992 до 2001 година бил и офицер на Армијата на Република Македонија.
За време на војната во Македонија во 2001 година, Џафери сè уште беше висок офицер во АРМ, каде командуваше со четите во тетовската касарна. Неколку дена по масакрот во Вејце на 28 април 2001 година, Џафери ја смени страната и се приклучи на Ослободителната национална армија. Џафери на тој начин стана командант на Бригадата 116 и го доби прекарот „Командант Форина“. Потоа Џафери беше амнестиран по Охридскиот договор.
За прв пат, во 2002 година, Џафери е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на Демократската унија за интеграција. Во периодот 2004-2006 година ја извршуваше функцијата заменик министер за одбрана. Од 2008 до 2013 година Џафери повторно ја извршуваше функцијата пратеник во Собранието. Во текот на 2012 година, Џафери е запаметен по неговите маратонски говори кои ги користеше како тактика за да го блокира донесувањето на законот за бранители, кој ќе им даде бенефиции на македонските воени ветерани, но ги изостави поранешните борци на ОВК. Тој го блокираше нацртот на ниво на комисијата со читање поезија, цитирање на странска литература и извештаи за Северна Македонија, потпевнувајќи или молчејќи за да помине времето. Тогаш Џафери имаше изјавено дека „без припадниците на ОВК, бранителите нема да поминат!
Во 2013 година Талат Џафери седна на функцијата министер за одбрана, кога Владата ја водеше поранешниот премиер Никола Груевски. Именувањето на Џафери за министер за одбрана предизвика протести кај Македонците. Протестите беа толку жестоки што беа повредени неколку полицајци, оштетени се две полициски возила, изгоре автобус на јавен превоз, а беа оштетени и многу приватни објекти.
27 април 2017 година ќе биде датум по кој ќе го паметат Талат Џафери, тогашните пратеници, новинарите и целиот народ на Северна Македонија. По постигнувањето на коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, и покрај тоа што тогашниот претседател Ѓорге Иванов се уште не му го доделил мандатот на Зоран Заев, тие решија на 27 април да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието, под напната атмосфера.
„Им се обраќам на граѓаните на Република Македонија. Почитувани граѓани, и покрај овие околности во овој историски момент кога во Република Молдавија се врши изборот на првиот претседател Албанец од негово основање, свесни за историската одговорност што ја имаме, се заколнуваме дека примарна работа во Собранието ќе биде создавање релевантни институции кои ќе функционираат врз основа на закон и устав и како претседател избран во овие околности, во ниту еден момент нема да дозволам узурпација на институциите овде во државата“, вели Талат Џафери.
Џафери ја извршуваше функцијата претседател на Собранието вкупно седум години по ред, од април 2017 до јануари годинава.
Талат Џафери од денеска ќе биде првиот премиер Албанец во историјата на Северна Македонија. Согласно договорот меѓу двата партнера од коалицијата СДСМ-ДУИ, Талат Џафери во последните 100 дена од оваа влада ќе го менува актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Тој пред два дена го доби мандатот за состав на Влада од претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Со цело задоволство и одговорност денеска го прифаќам мандатот од претседателот на државата за формирање на новиот технички состав на Владата со ветување дека целиот процес ќе се одвива врз основа на законите и уставот на Република Северна Македонија , со надеж дека новиот состав на Владата ќе биде во согласност со законските прописи со обврските и должностите кои произлегуваат од нејзиното формирање“, порача Талат Џафери.
Талат Џафери ќе ја извршува премиерската функција до одржувањето на редовните парламентарни избори, кои се закажани за 8 мај, односно до денот кога ќе се формира изборот на новиот владин состав.
