Кој го помеша телото на починатата од Врапчиште? – Здравство го впери прстот кон транспортот на починатите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не се знае кој е виновен за замената на телата на починатите, случај што вчера го вознемири семејството од Врапчиште.

Роднина за ТВ21 рече дека случајот го откриле децата на покојната кога отишле во мртовечницата во Гостивар за да го идентификуваат телото.

На ковчегот било името на нивната мајка, а внатре било телото на повозрасен маж. Од МЗ се оградуваат од вина, велејќи дека погребалните претпријатија а не болниците ги доставуваат телата до семејствата и го организираат погребот.

„Ја информираме јавноста дека ниту една здравствена установа во државата, ниту КИБФС не направила таква грешка. Сите болници и ковид центри во целост го почитуваат протоколот за постапување со тела на починати лица во болнички услови сомнителни или потврдени на Ковид 19. По настапувањето на смртта и подготовка на телото согласно протоколите за заштита од Ковид 19, веднаш се повикува Јавно комунално претпријатие на општината или Бутел-погребен сервис АД Скопје за Град Скопје на кои им се предава телото. Погребалните претпријатија, а не болниците, го доставуваат телото на семејството и го организираат погребот“, велат од МЗ.

Заменик министерот за здравство, Илир Хасани смета дека грешката е кај компанијата која изведува погребални услуги.

„Ниедна болница нема служба за конзервација на лешови, од капела го земаат здруженијата кои се специјализирани за оваа работа и потоа продолжува синџирот врз основа на протоколите“, посочи Илир Хасани.

Погребот на почината го извело погребалното друштво Ахирет од Гостивар. ТВ21 го најде бројот за контакт од оваа компанија, но овој број беше недостапен. Неофицијално се дознава дека телото на покојната жена е најдено во Кавадарци.