Кој ќе биде рокот за матурантите? МОН без решение, на маса две опции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради коронавирусот учениците се надвор од училишните клупи од 3 март. Под знак прашалник се става полагањето на државната матура. Учениците сметаат дека полагањето треба да се откаже, за што околу 7.600 ученици веќе потпишале онлајн петиција. Со исто барање и Сојузот на средношколци. Со откажување на матурата, бараат како основа да се земе успехот на учениците во последните 4 години. Бленди Ходаи од Сојузот, вели дека втората опција е пролонгирање на испитите, но сепак, како што објаснува, тоа претставува проблем за учениците кои сакаат да се запишат на факултет во друга држава.

-Има две опции што ги разгледуваме, а кои се во интерес на учениците. Првата – да се откаже државната матура, да се следи примерот на Италија, каде се добива просечна оценка во последните 4 години и така ќе ја земат дипломата и ќе продолжат со следниот циклус на образување, на универзитет-вели Ходаи.

За откажување на државната матура е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму бараат да се донесе уредба за учениците кои завршиле средно образование оваа учебна година, да се запишат на факултет без претходно положена матура.

МОН сѐ уште без решение за проблемот на матурантите. Министерот Арбр Адеми, рече дека се разгледуваат две можности – пролонгирање или откажување на државната матура.

Инаку, оваа учебна година треба да ја завршат 13.200 ученици. На почетокот на јуни тие треба да почнат со полагање на тестовите за државна матура, за да се стекнат со диплома. Италија го откажа тестот за државната матура, но излезе со алтернативно решение – оценката што ќе им се напише на документите на средното образование ќе биде просечната оценка во последните 4 години на средното образование. Исто постапи и Франција. Албанија не ја откажа државната матура, но излезе со решение – изгубените наставни единици во текот на овој период да не бидат вклучени во тестот за државната матура.