Модриќ: Реал Мадрид ми даде сè, сакам да се вратам во Мадрид и да живеам таму

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Хрватскиот репрезентативец и фудбалер на Милан, Лука Модриќ, изјави дека италијанскиот клуб бил негов омилен тим уште од детството, кога го следел италијанскиот фудбал.

„Милан е еден од најдобрите клубови во светот. Тоа е историски клуб, кој можеби во последните години не ги постигна резултатите на кои сите се навикнати, но тоа не менува ништо. Останува голем клуб и еден од најомилените во светот. Тоа беше една од причините за мојот избор. Кога бев дете, го следев италијанскиот фудбал и Милан беше мојот омилен тим. Кога се појави оваа можност по Реал Мадрид, не се двоумев ниту една секунда“, изјави Модриќ за „АС“.

Тој истакна дека не сака да се врати во Реал Мадрид само за да биде дел од клубот, туку сака да работи и да биде корисен.

„Не сакам да се вратам во Реал Мадрид само за да бидам таму. Сакам да работам и да бидам корисен. Мадрид е мојот град. Реал Мадрид ми даде сè и ми донесе многу убави работи. Сакам да се вратам во Мадрид и да живеам таму“, рече тој.

Модриќ, кој на 9 септември ќе наполни 41 година, и покрај возраста продолжува да биде редовен стартер во Милан.

„Луѓето зборуваат за мојата возраст уште од 2019 година. Тогаш велеа дека имам 33 или 34 години и дека повеќе не можам да играм, иако во тој период го играв најдобриот фудбал во мојот живот. По тоа, освоив уште две титули во Лигата на шампионите, го освоив третото место на Светското првенство во 2022 година со Хрватска, стигнав до финалето на Лигата на нациите и освоив уште многу трофеи“, рече Модриќ.

„Единственото нешто што е важно е она што го правиш на теренот. Не е важно дали имаш 18, 30, 40 или 50 години. Не е важно. Возраста е само бројка, но луѓето ја претворија во опсесија“, додаде тој.

Во текот на својата кариера, Модриќ настапуваше и за Тотенхем, Интер Запрешиќ, Зрињски и Динамо Загреб.