Кој ќе го наследи Хекуран Дука на чело на Општина Дебар по локалните избори што ќе се одржат во октомври?
Во оваа општина, се очекува трка меѓу тројца кандидати.
Коалицијата ВЛЕН ја дава својата поддршка на кандидатот за градоначалник во Дебар, Фисник Мела, за кого велат дека од моментот кога ја објавиле неговата кандидатура, истата наишла на голем одзив меѓу дебарчани.
„ВЛЕН го возвишува Дебар со Фисник Мела. Тој не е само кандидат, тој е отелотворување на нова генерација која доаѓа со чисти раце, со јасни идеи и со храброст да го води Дебар напред.“, порачаа од Влен.
Коалицијата Национална Алијанса за Интеграција веќе одлучила во оваа општина да настапи со кандидат од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, а тоа е професорот Илиријан Фетау.
„За кандидат за градоначалник на Општина Дебар – професорот Илиријан Фетау.“, вели Зијадин Села.
Покрај нив, ќе има и независен кандидат. Преку објава на Facebook, Рамадан Имери ја објави својата кандидатура.
„…Јас, Рамадан Имери, се кандидирам како независен кандидат за градоначалник на Општина Дебар. Без партија, без скриени интереси, со една јасна цел: да ви служам со чесност, одговорност и целосна посветеност.“, рече Рамадан Имери.
Инаку, во Дебар според Државната изборна комисија се регистрирани 18.318 гласачи.
