Кој ќе застане на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и дали новото раководство ќе успее да ја зајакне независноста на оваа институција? Ова се дел од прашањата што ќе бидат отворени вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, во која ќе учествуваат четворица од петтемина кандидати за оваа функција.
Во студиото ќе дебатираат Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева, Фатон Азизи и Трајче Пеливанов, кои ќе имаат можност пред јавноста да ги претстават своите програми, приоритети и планови за раководење со Обвинителството.
Петтиот кандидат, Јован Цветановски, нема да присуствува на дебатата поради службено патување.
Во фокусот на разговорот ќе бидат независноста на обвинителството, можните политички притисоци, постапувањето по високопрофилни случаи, како и конкретните мерки за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Кандидатите ќе одговараат и на прашањата како планираат да обезбедат еднаква примена на законите, независно од политичката или општествената положба на осомничените, и на кој начин ќе придонесат за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Дебатата доаѓа во период кога изборот на нов раководител на ова обвинителство отвора значајни прашања за неговото идно функционирање и резултатите во борбата против корупцијата.
Следете го „Клик плус“ вечерва, четврток, 22 октомври, со почеток во 21:30 часот, во живо на ТВ21.
