Кој ќе го замени Таравари? Во новата пратеничка група на ВРЕДИ повикани се и пратениците на Таравари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Таравари и официјално поднесува оставка на функцијата министер за здравство, но за сега се уште не е познато кој ќе седне во неговата фотелја и дали тоа ќе биде некој од редовите на ВРЕДИ. Од оваа коалиција и натаму стојат на ставот дека и покрај напуштањето на власта од страна на Таравари тие ќе ги задржат ресорите. Првиот вицепремиер Изет Меџити вели дека во партијата на Таравари има несогласување за неговата одлука за напуштање на Владата, но прашан дали очекува Арбен Фетаи да остане во Владата тој рече дека не сака да зборува за конкретни имиња.

-Не сме дошле до конкретните имиња, но тоа што е важно е сите ресори што ги имаше Алијанса за Албанците, остануваат во рамките на ВРЕДИ. Тоа што самиот најавува оставка но не и за другите функционери тоа покажува и докажува дека има донесено одлука која што не кореспондира со членството и структурите на партијата. Има видливи поделби и тие веќе ги гледаме секојдневно, изјави Изет Меџити, прв вицепремиер.

Прашан за бројот на пратениците на ВРЕДИ, министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани изјави дека опозицискиот Европски фронт не треба да се однесува комотно, бидејќи, како што додаде, „може да добијат 5 пратеници, но да им избегаат повеќе“. Тој ги пофали пратениците на Алијанса за Албанците на Таравари, нарекувајќи ги „најдобрите и најподготвените“ и додаде дека верува оти ќе повикаат на разум, ќе се обединат и ќе останат во владиниот состав.

-Ако тие мислат дека се комотни на тоа дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците поминале кон Фронтот, се погрешни, бидејќи дел од нив ќе останат со владата, но да се сигурни дека најмалку 4 пратеници кои што се денес кај нивните редови, ќе поминат во владината коалиција, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика.

Но како ќе се однесуваат петте пратеници на Таравари, за сега се уште останува нејасно. Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека има информации за тоа дека ВРЕДИ ќе формира пратеничка група, но рече и дека на тоа барање им било понудено да се потпишат и пратениците на Таравари.

-Тие кои ќе се потпишат ќе бидат дел од таа група, тие кои нема да се потпишат тоа е нивно право. Знам дека е понудено на сите пратеници да се потпишат. Нормално, ние сметаме дека тие пратеници кои ги добиле гласовите преку коалицијата ВЛЕН треба да останат во ВЛЕН, но одлуката е нивна. Ако Алијанса за Албанците се одлучи да пристапи кон друг политички пакт тоа е нивно право, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.

Вчера премиерот Мицкоски не сакаше да открива дали сите функционери на Таравари заминуваат или некој би можел да остане во власта, ниту дали ресорите што ги имаше Алијанса за Албанците остануваат во ВРЕДИ.

Тој рече дека сите кадровски решенија кои ги имаа од партијата на Таравари ќе бидат познати идната недела.