Кој ќе ја земе Попова Шапка?! – Османи промовира во Абу Даби, Заев и Бектеши во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МНР започна кампања од областа на промоција на општините надвор од државава, со цел да се привлечат што повеќе инвеститори. Бујар Османи денеска во Тетово се сретна со бизнисмените и градоначалничката на Тетово. На прашањето што ќе промовира за Тетово, Османи рече дека Попова Шапка ја промовирал во Дубаи.

„Во Абу Даби зборував многу за Попова Шапка, таму видов интерес за инвестиции на Попова Шапка и тоа го презентирав во две форми, како проект сам по себе и како проект заедно со Република Косово како проект за планината со цел за двете страни да се привлечат повеќе инвеститори кои бараат поголеми пазари или региони“, истакна Бујар Османи.

Османи заборава дека оваа туристичка атракција е во рамки на општина Тетово но во надлежност на Елем Турс.

„Секоја компанија кога влегува во Македонија, влегува во една конкретна општина, од тоа државно земјиште да може да се одвои во надлежност на општината и многу одговорности што ги делат со владата, на крајот на краиштата, сите овие инвестиции се прават за луѓето, во рамки на општините“, додаде Османи.

Но премиерот Заев и министерот за економија, Крешник Бектеши велат нешто друго. Според нив тие веќе имаат понуда за инвестиција од 100 милиони евра од европските земји.

„Што се однесува до инвестицијата за која зборува премиерот, не е од Абу Даби туку ние сме отворени да примаме понуди од сите страни кога станува збор за Попова Шапка. Инвеститорите доаѓаат од Европа и има конкретен предлог кој ќе се разгледа и ќе се одлучи во текот на оваа година“, изјави, Крешник Бектеши.

Заев во неговиот говор рече дека проектот е согласно законот за концесии со јавно-приватни партнерства или стратешки инвестиции, зависно од конечната фаза на договорот. Суштината е да се даваат концесии во траење од 99 години. Редот е инвеститорот да ја објави откако ќе се одлучи. Се радуваме на оваа инвестиција, бидејќи зимскиот туризам ќе добие нова димензија.


Доколку владата веќе одлучила за Попова Шапка, тогаш за Тетово, на министерот за надворешни работи, Бујар Османи му останува да ја промовира слободната економска зона и млечните производи,каде беше во посета во текот на денешниот ден.