Oткриена нелегална плантажа со канабис во Струмичко, двајца уапсени, запленети 680 килограми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скриена парцела во месноста „Матник“, на територијата на селото Секирник, Струмичко, била претворена во нелегална плантажа со канабис. Полицијата уапсила две лица, на возраст од 34 и 30 години, од Општина Ново Село, осомничени дека засадиле и одгледувале канабис со цел производство на марихуана.

Според соопштението на МВР, откако обезбедиле семиња, осомничените ја подготвиле почвата и во мај 2026 година ги засадиле растенијата.

„По претходен меѓусебен договор, во сокриен дел од парцела на место викано „Матник“ во атар на село Секирник, струмичко, пријавените ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла од растението канабис. Врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица презеле повеќе службени дејствија и посебни истражни мерки со техничка поддршка од полициски службеници од Регионален центар за гранични работи Исток, при што биле обезбедени докази за поврзаност на пријавените во одгледувањето на засадените стебла канабис, по што биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица. Во службен разговор тие признале дека, откако обезбедиле семе од растението канабис, ја обработиле почвата и направиле нелегална „плантажа“ на која во мај 2026 година ги засадиле семињата и ги одгледувале растенијата со цел производство на марихуана“, се наведува во соопштението на полицијата.

Во акцијата биле запленети повеќе растенија канабис со различна висина, со вкупна тежина од околу 680 килограми. По поднесената кривична пријава, двајцата првиедени биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица.