Кој менаџира со работниците во градежништвото? – Лимак: Починатиот беше бригадир, не беше обучен за електрични уреди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Последниот инцидент во градежниот објект Лимак каде животот го загуби 34 годишен турски државјанин, ги зголеми дилемите дали градежните работници имаат координатор и менаџер на дневните обврски. Од Лимак велат дека починатиот работел на своја глава и без да се координира. Но кој е виновен за тоа? Претседателот на Градежниот синдикат, Иван Пешевски, за ТВ21 изјави дека главно работниците се виновни поради тоа што не ги пријавуваат нерегуларностите на работните места.

Од друга страна, од Лимак велат дека починатиот самиот бил надзорник – бригадир на група од 20 работници и не бил обучен да ја користи машината од која што паднал. Дури и работата која ја вршел во тој момент, не била дел од неговите обврски.

„Вработениот кој несреќно го загуби животот, беше надзорник – бригадир, чија задача е да ги координира активностите на 10-20 работници. Според увидот по несреќата, работниците редовно вршат средување на локацијата на која работат, за што според безбедносните инструкции се користи скеле. Иако според описот на работните обврски надзорникот – бригадир не треба да ја извршува оваа активност, туку треба да ја координира групата, вработениот започнал со активноста, а наместо скеле одлучил да користи машина за кревање. Користењето на оваа машина не е во описот и пописот на работните задачи на надзорник – бригадир и тој не бил ниту обучен да ја користи“, велат од Лимак.

Директорката на трудовиот инспекторат, Весна Томовска, изјави дека работодавачот е главниот виновник за загубата на животот на 34 годишниот маж, бидејќи не ги почитувал мерките за безбедност.

Томовска извести дека моментално се преведуваат исказите на турските работници бидејќи скоро сите работници во Лимак биле од Република Турција. Таа го демантираше и Градежниот инспекторат, додавајќи дека Инспекторатот редовно врши контроли во градежните објекти, а само во текот на месец март во територијата на Скопје се изречени 77 прекршочни мерки за не носење на лична опрема за заштита.