Кој му ја разниша столицата на амбасадорот Меидани во Скопје?! – Албанското МНР: Коментарите во медиумите не ја одразуваат реалноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагираше по извештаите и коментарите поврзани со можното преместување на Денион Меидани, амбасадор на Албанија во РСМ. Некои медиуми објавија за можното заминување на Меидани, додека други најавија ротација во дипломатијата, односно именување на Меидани за амбасадор во Приштина, а доаѓање на Петрит Малај од Приштина во Скопје. Преку официјална реакција, од албанското МНР истакнаа дека дипломатските движења се реализираат согласно важечкото законодавство, регулаторната рамка на надворешната служба и дипломатските практики.

„Овие процеси се темелат на професионални и институционални анализи, со цел што поефикасно користење на човечките ресурси, во согласност со приоритетите на надворешната политика на Република Албанија. Соодветното донесување одлуки вклучува координација и консултации со надлежните државни институции. Коментарите во медиумите не ја одразуваат реалноста, а уште помалку институционалниот процес што се следи во вакви случаи. Особено, претпоставките или толкувањата претставени како факти се целосно неосновани и не заслужуваат понатамошно внимание“, вели Алтео Хиси.

Од ВЛЕН велат дека во ниту еден момент немале какво било барање до албанската држава за повлекување на амбасадорот Денион Меидани. Ко-претседателот на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека албанската држава одлучува за ова прашање, но и ја критикуваше работата на Меидани.

„Би сакале тој повеќе да ги претставува граѓаните, односно да ги штити правата на албанските граѓани во Северна Македонија, повеќе отколку некои политички групации, што за жал се гледа. Но, сепак тоа е работа и ангажман што треба да го оцени албанската држава, Министерството за надворешни работи на Албанија, кои го именувале и кои ја прават проценката за неговата работа. Во ниту еден момент ВЛЕН и Владата не се мешале во надлежностите на соседна држава, во овој случај Албанија“, вели Биљал Касами.

Од ДУИ оценија дека амбасадорот Меидани завршил исклучителна работа во унапредувањето на односите меѓу Северна Македонија и Албанија. Генералниот секретар Арбер Адеми рече дека тој изградил мостови на соработка, доверба и стратешко партнерство меѓу двете земји.

„Постојаните напади на оваа антиевропска и антиалбанска влада кон него не беа случајни. Тие произлегуваат од менталитет што го гледа како проблем секој глас што ја брани еднаквоста, соживотот и евроатлантската ориентација на земјата. Тој беше и внимателен и достоинствен глас во одбрана на правата и интересите на Албанците во Северна Македонија, како што му доликува на секој сериозен дипломат на Албанија“, вели Арбер Адеми.

Гласините за повлекување или замена на Меидани доаѓаат по двете протести на албанските студенти од Северна Македонија, кои бараат правосудниот испит да се полага и на албански јазик, барање што ја доби и поддршката од амбасадорот на Албанија.