Запрашана зошто Министерството за финансии дало негативен одговор за околу 50 вработени на Детската клиника, кои тврдат дека од јануари не примиле плата и немаат регулиран статус, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека податоците околу ова прашање не биле точно презентирани. Според неа, минатата година, кога биле побарани согласности за договори на дело, истовремено била дадена согласност и за вработување на 38 лица на неопределено време. Значи, според неа, Министерството не одбило согласности за лекари и медицински персонал.
„Исто така морам да го кажам тоа, бидејќи речиси еден месец сум толерантна, кога се зборува за согласностите за вработувања, не станува збор за лекари и медицински персонал. Ако го прашате директорот, нека ги извади согласностите за да видиме дали досега Министерството за финансии одбило согласност за лекари. Лекарите и медицинскиот персонал дури добија и унапредувања во последната година“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска.
А според министерката, за техничкиот персонал, вработувањата треба да се прават според финансиските можности што ги има институцијата, префрлајќи ја на тој начин вината кај директорот на клиниката.
Новинарско прашање: Дали требаше да помине половина година за овој случај, вработените да излезат на протест, бидејќи околу 50 луѓе работат без пари… а директорот вели дека тие се неопходни за нормално функционирање…
„Мислам дека на ова прашање треба да одговори директорот на болницата и како тие луѓе дошле на работа кога немале договори. Јас не познавам некој што оди на работа без договор. Прашајте го директорот, тој треба да ви одговори на тоа прашање“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Но директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, во одговор за ТВ21 изјави дека институцијата планирала буџет за вработувања и ангажмани со договор на дело, а Министерството за финансии минатата година дало согласности за тие ангажмани врз основа на барањето на клиниката. Според него, со истото буџетско планирање Министерството во 2025 година ѝ дало на Клиниката согласности за ангажирање работници со договор на дело, врз основа на барањето на Клиниката. Во декември 2025 година, според Мемеди, заедно со барањето за продолжување на овие согласности за 2026 година, Клиниката ја доставила и соодветната табела – образец во кој точно бил наведен потребниот буџет за овие вработувања и буџетот што Клиниката го поседува за исплата на плати.
„На 22 април 2026 година Детската клиника го прими официјалниот негативен одговор во врска со барањето испратено во декември 2025 година за продолжување на согласностите за работниците со договори. Од тој ден работниците беа информирани дека нема да имаат договори поради тоа што нема согласности од Министерството за финансии и тие не доаѓаат на работа. Недостигот на овие работници сериозно ни ја отежнува работата на Клиниката“, вели Реџеп Мемеди.
Мемеди исто така појасни дека од 50-те вработени кои биле ангажирани со договори, 23 се медицински персонал – 18 медицински сестри, 4 лаборанти и 1 биолог, а останатите се административен и технички персонал.
