Кој шири паника: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со меѓусебни обвинувања за Гостивар и загадувањето на водата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски со спротивставените изјави шират паника и дополнителна неизвесност околу состојбата со водата во Гостивар.

Од партијата велат дека во изминатите недели имало контрадикторни информации од повеќе владини претставници за исправноста на водата, додека резултатите од анализите сè уште не се објавени.

„Поради необјавување на резултатите од анализата на водата – Мицкоски и Клековски шират паника“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија прашуваат врз основа на кои анализи водата била прогласена за технички исправна, посочувајќи дека граѓаните добивале различни информации за нејзината употреба.

ВМРО-ДПМНЕ врати, и обвини дека СДСМ продолжува со, како што велат, „ширење хистерија, страв и паника“ меѓу граѓаните, овојпат околу квалитетот на водата за пиење.

Од владејачката партија велат дека СДСМ најпрво се фокусирал на состојбата со водата во Гостивар, потоа на Скопје, а сега и на Кривогаштани.

„СДС никако да сопре со ширењето хистерија, страв и паника меѓу граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја опозициската партија за ширење дезинформации.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека институциите во меѓувреме работат на решавање на проблемите и тврдат дека во Гостивар целосно бил исчистен градскиот водоводен систем, по што, како што наведуваат, направените испитувања потврдиле дека водата е безбедна за пиење.

„Гостиварци веќе имаат безбедна питка вода, а СДС, наместо да ги прифати фактите, со своите настапи продолжува да создава сомнеж кај граѓаните“, велат од партијата.