Родителите на учениците Македонци кои следат настава во Основното Училиште „Тодор Јанев“ во Чашка и понатаму ја блокираат наставата во ова училиште. Тие инсистираат дека директорката на училиштето не го почитувала статутот на училиштето со отворањето на паралелката на албански јазик. Како што соопшти министерот за образование Јетон Шаќири, вчера на средба со него родителите побарале тие ученици да учат во селото Сливник кое се наоѓа на околу 11 километри од Чашка. Министерот не го прифатил тоа.
„Последната нивна точка беше тие деца што сакат да следат настава на албански јазик, да продолжат во село Сливник, кој е во општина Велес. Јас не прифаќам такви барања. Додека тоа е уставно право на секој, гарантирано во тоа училиште, сакам да апелирам до сите граѓани на земјата, дека тие деца не се ниту политички субјекти, но не знаат ниту политички партии, ниту за парламентарни избори, ниту за локални, за некој да им го скрати нивното уставно право за да учат на албански јазик“, вели Јетон Шаќири.
Директорот на образовниот инспекторат Халит Ферати, се сомнева дека овие протести се организирани од градоначалникот на Чашка, бидејќи, како што вели, на чело на протестите е неговиот шофер, Негован Николиќ.
„Бидејќи таму протестираат луѓе кои се во општинските органи. Се покренува дилемата која многупати велам дека тоа е поврзано со тоа што градоначалникот е организатор на целата блокада на процесот. Дури и луѓе на политичкиот субјект ВМРО. Пола од демонстрантите ги знам по име и презиме. Станува збор за Негован Николиќ, возачот на градоначалникот. Помеѓу организаторите и на тие кои ја блокираат паралелката“, вели Халил Ферати..
Според Ферати, овие демонстранти одржувале тајни состаноци во манастирот во Чашка, додека дел од нив работат и во општината.
Од друга страна, градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски ги демантира изјавите на Ферати. Тој за ТВ 21 изјави дека лично е за отворање на паралелката на албански јазик, но согласно законот.
„Нее! Како може тоа? Тоа е надвор од здрав памет и разум. Ниту јас ниту општината. Искрено јас највеќе сакам да се реши проблемот, но според закон. Негован Николиќ не е мој личен шофер. Единствен шофер во општината е Сашко Таневски“, порача Горан Стојановски.
Инаку, целиот проблем и причината за протестите е зошто е отворена паралелката на албански јазик без консултација на Советот на родители. Министерот Шаќири бара усогласување на статутот на училиштето со законите кои произлегуваат од Уставот.