АА и натаму функционира со две крила додека судот во Тетово донесе одлука која страна има право да го преземе раководството над партијата. Но во судот, како што соопшти денеска Арбен Таравари, се вршат притисоци врз судиите, дури два пати се сменети судиите кои го имале овој предмет. Таравари се сомнева дека ова го прави министерот за правда, Кренар Лога.
-Вистина е дека постапката во судот започна за тоа кој треба да ја предводи АА. Пред 4-5 дена сменија еден судија, не знам кој побарал но верувам дека министерот за правда и го сменија судијата. Предметот го доби втора судијка, завчера го доби втората судијка и вчера повторно доставиле барање да се смени и втората судијка. Јас не знам колку барања ќе има, се додека не им се погоди човекот кој ним им е потребен“, рече Таравари.
Го прашавме министерот за правда, Кренар Лога дали навистина е вмешан во овие случувања во судот во Тетово. Лога ни рече дека Таравари или залутал или е лошо информиран. Вели дека тој како министер не е вмешан во ова прашање туку дека смената на судии го бара самиот политички субјект, АА.
„Арбен Таравари или е лошо информиран или е во потполна заблуда и за истата треба да се извини јавно. Министерот за правда во ниту еден момент и во ниту еден случај нема побарано да се замени некој судија во некоја постапка, барањето за замена на судиите во редовна судска процедура е направено од Алијанса за Албанците преку нивниот адвокат. Напуштањето на политичкиот дом од страна на Таравари не треба да биде придружено со клевети и невистини“, рече Лога.
Инаку одлуката од Тетовскиот суд треба да стигне пред 2 април, поради фактот што на тој датум политичките партии треба да ги достават листите со кандидати за пратеници. Според претходните соопштенија на ДИК, политичките партии заедно со листите треба да достават и потврда од суд за тоа кој е претседател на партијата. Во моментов, како претседател на партијата и натаму фигурира Таравари но другото крило на последната конвенција за претседател го врати Зијадин Села.
