Претставници на ВЛЕН беа фотографирани во Тирана како пијат кафе, откако неколку дена претходно некои од нив изјавија дека биле задржани на граничниот премин на „Ќафасан“.
Пратеникот на ВЛЕН, Беким Ќоку, за ТВ21 изјави дека граничните власти првично ги оставиле да чекаат, а потоа им било кажано дека сè е во ред. Ќоку ја оцени ситуацијата како неприфатлива, тврдејќи дека станува збор за „линчување“ кон одредена група граѓани од Македонија, главно активисти и функционери на ВЛЕН.
„Ова што ни се случува е неприфатливо, и однесувањето на Владата на Албанија е неприфатливо. Затоа барам одговорност, барам транспарентност, барам да има официјален став од Министерството за надворешни работи, од Министерството за внатрешни работи таму, за ова што ни се случува нам на граничните премини со Албанија“, изјави Беким Ќоку, пратеник на ВЛЕН.
ТВ21: Дали мислите дека во иднина ќе имате забрани за преминување на границата?
„Се надевам дека не, се надевам дека нема! Но, не се знае“, изјави Беким Ќоку, пратеник на ВЛЕН.
Во меѓувреме, пратеникот Аднан Азизи изјави дека црните листи, биле измислени од ДУИ.
„Ако сме против, ние сме против злото, против ДУИ, ви велам тука дека тие дејствуваат како параполитичка организација, како шпионска секта која составува досиеја и дезинформации и кои ѝ ги доставуваат на албанската држава, можеби и преку амбасадата овде, и на крај албанската држава се освестува и ги има сите аргументи на располагање дека ова се само измислици, пропаганда“, вели пратеникот на ВЛЕН, Аднан Азизи.
Од друга страна, ДУИ нагласува дека ВЛЕН е дел од власта веќе повеќе од две години и, според нив, треба да се фокусира на реализација на дадените ветувања, наместо постојано да бара виновници за неуспесите.
„Овој одговор е во рамките на нивниот наратив дека ‘за сè е виновна ДУИ’, заборавајќи дека тие се на власт повеќе од 2 години и треба да ги реализираат своите ветувања, а не постојано за своите неуспеси да бараат виновници. Досега нè обвинуваа за работите внатре во територијата на државата, а со ова последното ја прошируваат нашата ‘вина’ и надвор од територијата на државата. Иронично!“ – велат од ДУИ.
Инаку, пред неколку дена, албанските власти соопштија дека не им го спречиле влезот во Република Албанија на тројца функционери на ВЛЕН, туку дека само четвртиот човек кој бил со нив имал законска пречка за влез во Албанија.
Ова беше објаснувањето што го даде генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита.
