Зголемувањето на случаите со индискиот сој на корона вирусот го алармираше светот, а во Македонија веќе се регистрирани два. Но здравствените власти и експерти велат дека состојбата во земјава е под контрола и дека нема место за паника. Инфектологот Алириза Османи вели дека граѓаните треба да бидат внимателни но дека нема потреба да се плашат.
„Треба да внимаваат малку повеќе но нема потреба од страв бидејќи бројот опаѓа и тоа е многу добро и позитивно. Само оние кои имаат симптоми, температура, треба да внимаваат да не се мешаат со други луѓе туку да се изолираат“, посочи инфектологот.
Инфектологот додава дека сè уште нема точни информации за Делта вирусот но лекарите се подготвени за третирање на секој сој на вирусот што ќе се појави.
„Се уште нема точни и целосни сознанија за вирусот за вирусот што го поминавме, а не за новите соеви. Ова е семејство вируси и дали ќе биде подобро или полошо ќе видиме. Ние сме тука да ги лекуваме пациентите и даваме максимум кога е потребно, и фала му на Бога што сега сме малку поспокојни и имаме можност да одмориме“, додаде тој.
Дека нема место за паника вели и министерот за здравство Венко Филипче. Вториот пациент кај кого е регистриран индискиот сој на вирусот, е граѓанин кој се вратил од Ирак, а истиот се лекува во приватна болница.
„Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните актуелни постои на секаде. Но тоа што е битно буквално сите вакцини штитат од тешка форма на болчеста или од смрен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот“, истакна Филипче.
Прашањето што останува е дали ќе имаме ново затворање на есен или четврт бран на пандемијата? Делта сојот кој најпрво е детектиран во Индија стана доминантен во светот, велат од СЗО. Исто така, овој сој е највирулентен. Лидерите на Германија и Франција апелираат до државите на ЕУ да бидат повнимателни кон Делта сојот кој претставува закана за напредокот кој го забележаа овие држави во однос на пандемијата поради што истите постепено ги укинуваат ограничувањата.
