Колку ќе чини четвртиот сет владини мерки за помош на домашната економија, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели -ќе биде значително голем и ќе зависи од ребалансот на буџетот . Точната проценка, додаде тој ќе се знае следната недела откако ќе се направат калкулациите за расходната страна на сите институции.
„Тоа што можам да го кажам ќе биде значително голем економски пакет, ќе опфати повеќе луѓе. И затоа мислам дека ќе биде значително голем и тоа го поврзувам со ребалансот,во зависност какви се проценките, и постапките за ребалансот ќе започнат веднаш“, вели Фатмир Битиќи.
Досега како што рече Битиќи, на сметка на граѓаните и стопанството се слеани 240 милиони евра. Тој не гледа простор за грижа дека доколку се случат нови задолжувања истите подоцна би можеле да удрат по џебот на граѓаните.
На ова денеска реагираше опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо пари за народот од државата како антикризни мерки добија фирмите на Нина Ангеловска и Заеви, а народот остана без пари. СДСМ буквално си ги искористи институциите за сопствен интерес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера и претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска реагираше, дека бизнисот е засегнат од кризата со пандемијата и компаниите не се во состојба да ги покријат ниту месечните трошоци.
„Сумата која пристигна на сметките на претпријатијата беше навистина мала во споредба со пакетите кои ги нудеа не само земјите од регионот туку и пошироко. Во процентуалниот износ на БДП имаме најмал пакет“, посочи Даниела Арсовска.
Вицепремиерот Битиќи пак информираше дека 70 проценти од средствата стекнати од задолжувањето се искористени за да се подобри ликвидноста на Буџетот, а останатите 30 проценти како што додаде, Владата се уште ги има на располагање и истите ќе бидат почетна основа за понатамошни планирања.